Прилеп го одбележа 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. При тоа градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески ја посети паралелката за деца со попреченост во ООУ „Климент Охридски“ и им подари печатач во боја со цел да им послужи во воспитно образовниот процес.
„Како градоначалник бев информиран дека за вашето секојдневно одвивање на воспитно образовниот процес и програма според која што учите, ви недостасува еден печатач во боја, кој што како Општина со задоволство го набавивме и еве денес ја искористивме приликата да ви го предадеме за користење. Ви посакувам на сите да имате успешна работа и за добро да го користите. Како човек, лекар и градоначалник сметам дека не е доволно само еден ден да се посветува внимание на овие деца, затоа и во иднина Локалната самоуправа заедно со училиштето Климент Охридски и раководството ќе се потруди дополнително да ги подобри условите за работа и се она што претставува напредок во процесот на учење и инклузија на децата со попреченост во општествената заедница“ – рече Јовчески.
Меѓународниот ден на лицата со попреченост беше одбележан и во Дневниот Центар за деца со посебни потреби „Ѕуница“ кои заедно со децата од Дневниот Центар за деца со церебрална парализа – Прилеп, приредија пригодна програма пред присутните гости.
Во рамките на одбележувањето на 3-ти Декември, во понеделник со свои активности ќе го одбележи и Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака“ – Прилеп, чија основна цел е севкупна општествена грижа и третман на лица со интелектуална попреченост на територијата на општина Прилеп и остварување и заштита на нивните општествени, социјални и економски права