Одбележан Денот на пролетта и Денот на екологијата во Прилеп

Денеска со еколошки акции во сите основни и средни училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Прилеп беше одбележан Денот на пролетта или Денот на екологијата. Учениците ги чистеа дворовите на училиштата, а ги средуваа и внатрешните простории. Тие велат дека сите ние треба да ја чуваме животната средина.

_MG_1983

„Денеска се собравме тука од 9 часот утринава за да го одбележиме Денот на пролетта или Денот на екологијата, чистевме во училишниот двор и го освеживме целото училиште“, Исидора Илиеска, ученик во ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп.

„Денеска Денот на екологијата ние го одбележавме со чистење на училишниот двор, училниците и дел од салата и тениското игралиште“, Марија Темелкоска, ученик во ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп.

_MG_1967

„Денеска е денот на пролетта, еколошки ден и ние не треба да фрламе ѓубре насекаде и не треба да ја уништуваме природата“, кажа Сергеј Илиоски, ученик во ООУ „Рампо Левката“.

„Не треба да се загадува околината туку треба да ја чуваме чиста животната средина и да не фрламе ѓубре насекаде околу нас туку на определните места за тоа“, рече Христо Спиркоски, ученик во ООУ „Рампо Левката“.

_MG_2023

Професорите истакнаа дека преку целата година активно работат со учениците на тема заштита на животната средина организирајќи различни еко акции.

„Денеска се одбележува денот на еколошката акција на младите во Македонија и нашето училиште активно се вклучи во овој ден. Учениците го исчистија училишниот двор и училиштето во внатрешниот дел. Инаку ние како училиште имаме голем број на еколошки акции во текот на годината и тие акции се организирани од Еко одборот во училиштето или од училишната заедница. Тоа се редовно чистење на училишниот двор, собирање на пластика, собирање на стара хартија, имаме редовна еко патрола која што ја контролира хигиената во училниците и уште голем акции во кои се вклучени учениците, наставниците, а понекогаш и родителите. Исто така во оваа прилика сакам да му се заблагодарам на градоначалникот Марјан Ристески и локалната самоуправа кои секогаш не поддржуваат во нашите проекти и акции“, истакна Катерина Чавлеска – Трпковска, наставник во ООУ „Рампо Левката“ – Прилеп.

_MG_2056

„По повод Денот на пролетта се организира и еколошка акција денеска нашите ученици и наставници активно се вклучија во одбележувањето на овој ден, беше навистина прекрасно да се видат вредните рачиња на дечињата кои уживаа во она што го работат. Училиштето доби нов сјај и лик и се надевам дека ова ќе им стане секојдневна навика да ја одржуваат чиста средината во која живеат“, истакна Трајче Каралиоски, директор на ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп.

_MG_2015

„Традиционално како и секоја година Денот на пролетта кој е прогласен и како Ден на екологијата сите училишта во нашата Општина го одбележуваат со акции за чистење на нивните училишта. Овој ден е важен и за едукацијата на децата дека треба да чуваат чиста својата животна средина и да не ја загадуваат“, потенцираше Марјан Матракоски, советник за образование во Општина Прилеп.

_MG_2066

Учениците денеска беа посетени од страна на градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој најави дека наскоро ќе се организира и акција за чистење на поголемиот дел од градот Прилеп.

„Денот на пролетта и Денот на екологијата денеска се одбележува во сите училишта на територијата на Општина Прилеп, во сите училишта атмосферата е работна и весела. Се средуваат внатрешните делови на училиштата, се уредуваат нивните дворови, навистина едне прекрасен ден за дружење и одбележување на екологијата. Од наша страна ќе бидат посетени сите основни и дел од средните училишта и секако да најавам дека заедно со градежните фирми од Прилеп и Јавните претпријатија, овој или наредниот викенд ќе имаме комплетна генералка на градот и тоа главните улици, централното градско подрачје, чистење на влезовите и излезите на градот од шут и ѓубре“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_2022

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.