Да го зачуваме суверенитетот и интегритетот на Македонија, да го продолжиме аманетот на револуционерите кои го дале својот живот за слобода на оваа земја и да се избориме пред светот да не почитуваат сите како Македонци. Ова беа главните пораки кои денеска беа упатени во Прилеп на одбележувањето на 114 годишнината од смртта на Гоце Делчев и 105 годишнината од смртта на Пере Тошев. Чествувањето започна со положување на свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во ООУ „Гоце Делчев“ каде почит оддадоа делегациja од Општина Прилеп предводена од градоначалникот Марјан Ристески, претставници на Советот на општината, Сојузот на борци, претставници на политички партии и почитувачи на ликот и делото на овој голем македонски револуционер.
„Денес е голем ден за Македонија, ние го го славиме нашиот патрон Гоце Делчев. Тој е идеологот на Македонската револуционерна борба. Ние како училиште со одбележувањето на овој ден започнавме уште синоќа со одржувањето на училишните смотри, а продолживме денеска со полагање на свежо свеќе пред неговиот споменик и пригодна програма. Делчев остави траен белег во нашата историја и го даде својот живот за Македонија. Тој и денеска за сите Македонци претставува личност која што не сплотува, а ние како воспитно образовна институција го земаме примерот на Делчев и денеска се бориме со знаење за да нашите идни генерации секогаш бидат успешни за Прилеп и Македонија“, кажа Трајче Каралиоски, директор на ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп.
„На учениците и вработените во ова училиште им го честитам патронатот, денеска положивме и свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев кој се наоѓа во училишниот двор. Делчев го дал својот живот за оваа Македонија и неговата порака до сите идни генерации е да го зачуваат суверенитетот и интегритетот на Македонија. Инвестирањето во училиштето претставува инвестирање во нашата иднина, и затоа ние како локална самоуправа постојано ги подобруваме условите за работа и учење во оваа образовна установа. Досега тука се инвестирани околу 600.000 евра и ова училиште доби комплетно нов и современ лик со помош на Владата, Министерството за образование и локалната самоуправа. Нема да застанеме тука, поминат е тендерот за реконструкција на мултинаменското игралиште кое се наоѓа во училишниот двор, исто така во програма на Министерството за образование е влезено комплетно да се реконструираат санитарните јазли и секако после тоа ќе пристапиме кон хортикултурно уредување на дворното место и со тоа ќе се добие еден прекрасен парк кој ќе го користат не само учениците туку и сите жители на оваа населба“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Инаку Делчев е роден во Кукуш на 4 февруари 1872. Тој е македонски национален херој, деец и идеолог на Македонската револуционерна организација, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Учествувал на Солунскиот конгрес на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето. Со Ѓорче Петров ги изработиле новиот Устав и Правилник на Организацијата. Во мај 1903 година од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ. На 3 мај пристигнува во селото Баница, каде војската веќе го опколила и во борбата утрото на 4 мај Делчев загинал.
Одбележувањето на смртта на овие значајни македонски револуционери продолжи со оддвање почит и полагање на свежо цвеќе и на гробот на Пере Тошев, кој се наоѓа во црквата Св. Благовешетение. Тука присуствуваа и претставници на македонското патриотско здружение „Пере Тошев“.
„Денес е голем ден за прилепската историја бидејќи се навршуваат 105 години од смртта на еден од најголемите револуционери, идеолог на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, борец за ослободување на Македонија, а тоа е нашиот сограѓанин Пере Тошев. Неговото дело е едно од најсветлите дела во македонската историја, тој својот млад живот го положува за оваа Македонија во која ние денес живееме. Аманетот на Тошев, Делчев, Петров и сите револуционери, партизани, бранители кои го дале животот за денешна Македонија е да се сочува нејзиониот суверенитет и интегритет. Борбата на македонскиот народ никогаш не престанала, таа продолжува и понатаму, за да се избориме пред светот да не почитуваат сите како Македонци. Да бидеме Македонци со исправена глава, а не да бидеме Македонци со наведната глава. Се надевам дека со една сплотеност ќе имаме храброст, сила и волја да го издвојуваме тоа“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
„Денеска даваме почит на Гоце Делчев и патронот на нашето патриотско здружение Пере Тошев. Кој на 4 мај 1912 година беше предаден од шпионите и беше убиен во Дреновската клисура. Ние како македонското патриотско здружение се залагаме за зачувување на суверенитетот и интегритетот на Македонија и нашата цел и мото е да не оставиме предавниците да владеат со оваа држава. Секој предавник, секој оној кој што мисли лошо за оваа наша држава треба да одговара, а не да се шета на слобода. Нашите невини браќа кои беа притворени треба да бидат ослободени, бидејќи тие не направија државен удар, туку тие спречија државен удар“, истакна Горан Стојаноски, еден од основачите на македонското патриотско здружение „Пере Тошев“.
Свежо цвеќе беше положено и пред споменикот на Пере Тошев кој се наоѓа во старата чаршија.
„Денеска е годишнина од смртта на двајца македонски великани Гоце Делчев и Пере Тошев. Тука сме да оддадеме почит на нивните дела, но и да го продолжиме нивниот аманет, борбата за слободна независна Македонија продолжува и денеска. Тука сме како генерација да застанеме на вистинската страна, на страната на македонскиот народ, да го зачуваме македонскиот јазик, македонската нација и идентитет. Да не се срамиме пред идните генерации за нашите дела. Ќе оддаваме почит и понатаму на овие херои затоа што само чесните Македонци, хероите, револуционерите го заслужуваат ова. Голем број установи го носат нивното име, а секогаш тие кои застанувале на спротивната страна носат други епитети. Да живее Македонија“, рече Петар Ристески, претседател на О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Инаку Пере Тошев е голем македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација. Роден е 1865 година во Прилеп. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон.
Во 1912 година разочаран од поделбата на Македонија помеѓу Бугарија и Србија на спорна и беспорна зона тргнал за Прилеп, но на 4 мај, на патот за Прилеп, во Дреновската Клисура, бил убиен од турска заседа. Откако бил убиен, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По пет дена, роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле да го погребаат во Прилеп. Така, под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во село Фариш. Неговите посмртни останки се префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп дури во 1996 година.
Денеска во Прилеп својот патрон празник свечено го одбележа и пензионерскиот огранок „Гоце Делчев“, кој што се наоѓа во состав на здружението на пензионери на Општина Прилеп.