Одбележана 80 годишнината на битолскиот Народен театар (ФОТО)

Со изведбата на претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, Народниот театар – Битола го одбележа 80 годишниот јубилеј на театарот. Во преполната сала, претставата и ансамблот беа поздравени со бурни и долги аплаузи. Пред премиерата беше презентирано историското катче на НТБ, изложбата на 100 плакати, постери, каталози на Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески, посветени на претставите во НТБ.

На почетокот многубројната публика ја поздрави директорот на Битолскиот театар, Васко Мавровски.

„Одговорноста беше голема и сеуште трае, бидејќи ова беше само еден дел од настаните, не очекуваат уште многу премиери, уште многу работа, но сметам дека заедно со целиот колектив 69 вработени, завршивме голема работа, направивме римејк на претстава која се одиграла пред 80 години. Се работи за интегралната верзија на текстот, онаа која се играла пред 80 години. Ги имаме истите проблеми, само што живееме во некое друго време. Повторувањето 3 пати на истиот текст од тројца различни режисери е да не дозволиме да заборавиме дека тоа може повторно да се случи“.

Како што рече Мавровски, театарот го користеле како медиум во минатото.

„И ние како модерна театарска институција ги пренесуваме пораките преку театарот. Наше е да ги повикуваме и освестуваме луѓето во однос на оние клучни прашања, бидејќи во театарот не постои партија, кај нас театарот е на прво место. Идентитетот, јазикот, тоа е нешто што ние сме должни да го негуваме и ќе продолжиме на истиот начин“.

Меѓу присутните бројни претставници на другите македонски театри и вљубеници во театарската уметност. Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, со своја честитка.

„Би сакал да изразам огромна благодарност за сето она што Битолскиот театар го прави, посебно на генерациите кои продефилираа овде и на сите оние кои сега не се со нас, за се она што го подариле на градот, на државата. Се надевам дека уште многу јубилеи заедно ќе славиме и ќе се радуваме на вашите успеси, а ние сме тука како град, како локална самоуправа да го поддржиме во секое време, затоа што Битолскиот театар е нашиот културен амбасадор во светот“.

Јубилејот преку порака го честитаа и Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

„Со задоволство го чествуваме важниот датум на Народниот театар од Битола. Тој е една од најстарите и најпочитувани културни институции, надалеку позната по ширењето на духот на уметноста, не само дома во Битола, туку и на многу други престижни театарски сцени, на кои битолските актери и актерки изведоа маестрални претстави, добија бурни аплаузи и овации, се овенчаа со награди. Изминатите 80 години Битолскиот театар беше неуморен неимар и учесник во културниот и општествениот живот“, се вели во пораката на Силјановска Давкова.
„Битолскиот театар со својот квалитет потврди дека врвната уметност секогаш победува. Денес славејќи го минатото, гледаме во иднината.Уверен сум дека прославувајќи многу јубилеи, Битолскиот народен театар, со ангажираноста и со своите уметнички вредности, ќе остане пример за тоа како се создава и како се негува врвната театарска естетика“, истакнува Љутков.

Пред почетокот на изведбата беа поделени Плакети за допринос кон Битолскиот театар, на пензионираните театарски работници.
Претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“е составена од 3 дела во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева, Јован Ристовски.

„Јас во театарот сум повеќе од 30 години, повеќето од актерите со кои работев на оваа претстава ги познавам од деца. Беше интересно да се работи со нив, да направиме еден проект кој јас го нареков мала рашомонијада, во смисла дека ја бараме вистината. Секоја вистина има повеќе вистини. Ние тројцата режисери се споивме да работиме еден текст со кој започна нашиот театар пред 80 години, да видиме како тоа ќе звучи денес. Чувствата после премиера се емотивни, јас сум еден од оние кој својот живот и кариера ги посвети на Битолскиот театар и своите најдобри дела ги направив токму тука“, рече Мицевски.

„Ми беше чест да режирам јубилеј на еден сериозен театар. Разликата тогаш и сега е во тоа што луѓето делеле една идеологија тогаш, а денес некоја друга. Затоа делот кој го режирав е посензитивен, политички ангажиран театар и она што мене ме интересира секогаш е вистината, она што го премолчуваме па и векови наназад. Овој народ најчесто е цензуриран, така што направив еден вид пародија и еден врисок на се она што ни се случува на политички план. После 80 години ние сеуште ја живееме истата историја, под многубројни влијанија. Мислам дека сме во фаза на освестување на народот да се одлучиме на свесно ниво да признаеме што не знаеме, и така можеме да станеме подобри да го градиме на свесно ниво идентитетот“,ни изјави Ристовски.

Софија Ристевска Петрушева додавде дека единствено што е важно за секој човек е честа, моралот, лојалноста и солидарноста, а никој на крај не го почитува предавникот.

Авторката и драматург Билјана Крајчевска истакна дека оваа едночинка од пред 80 години, го претставува политичкиот театар кој работи на самосвеста, претстава која го означува почетокот на културолошкиот, театарски идентитет на нашата земја.

„Чест и задоволство беше да се работи на овој текст, но пред се одговорност да се биде дел од јубилејот, бидејќи сето она што се случило во овие 80 години, треба да не освести дека треба го сочуваме тоа богатство кое сме го стекнале изминатите години, достојно да го сочуваме, Битолскиот театар. Текстот за прв пат бил изведен во партизанските одреди, во партизанската културна единица во Егејска Македонија во с.Робово, пред првата и втората бригада, а по ослободувањето се игра во Битола за прв пат претстава на македонски јазик во институција. Тука е и мојата лична приказна која ми даде уште повеќе мотив бидејќи потекнувам од Егејска Македонија. Ова сето го зборувам дека ние не треба да бегаме од сопствените приказни“.

Јубилејот на Битолскиот театар, се одбележа токму со текстот од првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември, 1944 година, кога беше одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски. Во првото театарско јадро на овој град тогаш беа Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски,Славче Матевски, Георги Карев, Јован Бејко.На сцената во јубилјната претстава настапија актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните. Во три кратки едночинки улогата на Ѓоре ја играат актерите од НТБ, Марјан Ѓоргиевски кај режисерот Благој Мицевски, Александар Димитровски кај Софија Ристевска, и Никола Пројчевски кај Јован Ристовски.

„Работевме во три екипи и цело време се трудевме да бидеме едно, како што доликува на прослава за 80 години на овој театар. Се обидов на мој препознатлив начин да го пренесам мојот лик. Според мене историјата не ни се повторува, нас во континуитет ни се случува“, рече Никола Пројчевски.

Еден од актерите во претставата сподели со нас што за него е Битолскиот театар.

„Ми беше носталгично, се вратив назад во времето на првата претстава која ја гледав во Битолскиот театар, 1981, на мои 5 години, кога сфатив дека сакам да бидам дел од оваа професија. Во 1997 беше моето деби на професионална сцена, потоа беше монодрамата „Најпосле крај“ и многу моменти кои ме потсетија на мојата поврзаност изминативе години со Битолскиот театар“, рече Александар Копања.

За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, Андреј Папаз Ѓоргиевски, светло мајстор Игор Мицевски, Горан Петровски, тон мајстор Александар Димовски, шминка Стефанија Илиевски, видеооператор Владимир Переловски, автор на плакат Сашо Илковски, инспициент Димитар Михајловски. Со основањето на НУ Народен театар – Битола во 1944 година, почна процесот на основање на другите театри во земјава – во Скопје, Прилеп, Велес и во други македонски градови. Низ годините Битолскиот театар стана бренд кој со гордост ги негува македонскиот јазик и култура, претставувајќи ги насекаде во светот. Прославувањето продолжи во Свечената сала на Офицерскиот дом.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.