Здружението за професионален бокс PRO BOX MACEDONIA стана членка на CISBB – WBC – Меѓународната организација за развој на боксот на земјите од ЗНД, словенските и балтичките држави.
Здружение за професионален бокс Про Бокс Македонија – PBM, кое е и полноправна членка на Европската боксерска унија (EBU), официјално стана дел од CISBB – Меѓународна организација за развој на боксот на земјите од ЗНД, словенските и балтичките држави, под покровителство на Светскиот боксерски совет (WBC).
Со овој значаен чекор, “Про Бокс Македонија” се приклучува кон меѓународна мрежа која ги обединува земјите од Заедницата на независни држави (ЗНД), словенските и балтичките држави, со цел заеднички развој и промоција на професионалниот бокс. ЗНД е регионална организација формирана по распадот на СССР и ги опфаќа Русија, Белорусија, Казахстан, Узбекистан, Киргистан, Таџикистан, Ерменија, како и земји со посебен статус како Молдавија и Азербејџан.
„Членството во CISBB е големо признание за нашата работа и поттик за понатамошен развој. Веруваме дека ова партнерство ќе донесе нови можности за македонските боксери и подобра интеграција на нашата земја во европската и светската боксерска сцена,“ изјавија од “Про Бокс Македонија”.
CISBB, како меѓународна јавна организација под покровителство на WBC, обезбедува силна платформа за развој на боксот преку регионални шампионати, рејтинзи и организирање настани со високи стандарди.