Огромен број дечиња со бадникова поворка низ Широк Сокак го најавија Христовото раѓање во Битола (Фото галерија)

Бадник, ден пред Божик…денот кога ја чекаме радосната вест за Христовото раѓање…

Овој празник не потсетува на важноста на заедништвото, љубовта и споделувањето – вредности што нè обединуваат и нè прават посилни како заедница.

Денес ја славиме традицијата, но и нашите семејни и духовни врски што ја одржуваат жива, искрата на празникот.

Традиционално и годинава во Битола се одржа Бадниковата поворка. Младите бадникари со своите најблиски од плоштадот „Магнолија“, го исполниот соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а од таму низ Широк сокак пеејќи ја песната „Вечниот бог“ до Офицерскиот дом каде се наоѓаше големата пештара, а беа пречекани и од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им го честиташе Бадник и Божиќните празници, дарувајќи ги со Бадникови подароци.

„Вербата во Бога и традицијата се вредностите на кои почива нашето самобитие. Општина Битола и годинава покажа дека оваа традиција е блиска до народот, особено до најмилите и најмладите, кои од мали ги учат вредностите и тие ќе ги запазуваат и применуваат во иднина“, вели градоначалникот на Битола.

На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, деновиве им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Инаку ѕвездичките ја симболизираат Витлеемската ѕвезда која се појавила на небото кога се родил спасителот на светот и дека децата ја претставуваат ангелската војска која со песна ја најавува радосната вест.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.