Обвинителство: Запален автомобил на јавен обвинител

Три запалени автомобили и еден дуќан во Куманово се пријавите кои стигнале во МВР изминатата ноќ.

„На 02.12.2024 во 03.20 часот во СВР Куманово било пријавено дека бил опожарен деловен објект на улица „11 Октомври“, сопственост на М.Ј. од Куманово. Исто така, било пријавено дека биле опожарени три патнички возила на улиците „Трст“, „Вардарска“ и „Никола Вапцаров“ во Куманово, и тоа патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на Џ.Б., патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на А.Е. и патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на М.Ш.. Пожарите биле изгаснати од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Куманово, известен е и јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случаите.“ – се вели во соопштението на МВР.

Извршен е увид од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинитество од Куманово на локациите каде синоќа биле опожарени два автомобила и една деловна просторија.

– Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор, информираа денеска од Јавното обвинителство.

Од Обвинителството информираат дека еден од автомобилите е сопственост на јавен обвинител.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.