Обвинителството не постапува за мајка му, но Бојан распали по ВМРО-ДПМНЕ?!

Претседателот на локалниот клуб на млади социјалдемократи од Прилеп, Бојан Цветаноски, одржа прес конференција на која зборуваше за прославата на годишнината од УМС, обвинувајќи го политичкиот подмладок на ВМРО-ДПМНЕ дека прикажале “лажен доказ” за дозвола за користење пиротехнички средства на прославата.

Прес конференцијата на Цветаноски ја пренесуваме во целост во продолжение:

Откако УМС на ВМРО-ДПМНЕ славеа со пиротехника во момент кога цела Македонија тагува по трагедијата во Кочани скандалот стана уште поголем. УМС објави демек „доказ” дека го пријавиле настанот и пиротехниката, но дали е валидно и дали станува збор за фалсификат? Нема повратница од Министерството за внатрешни работи – со што би се потврдило дека оваа пријава навистина е доставена и примена во законскиот рок. Не е наведена количината на пиротехнички средства што ќе се користат – што е обврска според член 39 од Законот за употреба на пиротехнички средства. Но што е клучно. На документот стои ознака со број 23.23.5.5188/2.

Според нашите информации ова е интерна ознака, која не ја става известителот, туку ја додава началникот на СВР по приемот на актот. Тоа значи – оваа ознака не може да биде дел од документот што го објавува УМС туку е службена ознака по прием! Со други зборови, оваа хартија што се обидоа да ја протнат како легален документ постои голема веројатно дека не е релана.

Очекуваме одговори од МВР и Панче Тошковски. Дали е ова фалсификат? Нема правда ако институциите фалсификуваат документи за да ги штитат партиските членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ако ова се потврди, ќе бараме кривична одговорност за сите инволвирани, од извршителите до политичките наредбодавци.

Koга сме кај актуелниот претседател на ОО СДСМ Прилеп, не смее да се заборави на набавката која ја потпиша неговата мајка, Мери Цветаноска, која за време на претходната владеачка гарнитура управуваше со Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање (ЈП за ПУП).

Цветаноска беше секојдневна мета на напади од јавноста и политичките опоненти, за набавката на четирите нови автобуси за потребите на Јавниот градски превоз.

Автобусите кои тогаш беа нарекувани болиди, секој вреден по околу 250.000 евра, беа сомнеж за сторен криминал, а Цветаноска не можеше глава да крене од постојаните обвинувања од тогашната опозиција на ВМРО-ДПМНЕ, и можноста кривично да одговара за оваа милионска набавка.

Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно потенцираше дека се сторени низа нерегуларности околу самиот тендер за набавка на автобусите, а особено сомнителна беше цената од речиси 1 милион евра. Покрај високата цена, од ОК ВМРО-ДПМНЕ се сомневаа за наместен тендер со единствен понудувач, а подоцна во повеќе наврати информираа и дека автобусите иако нови, се подложни на дефекти и често се носат на сервисирање.

Всушност набавката на четирите автобуси беше една од главните теми, со кои ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп ја убеди јавноста дека постои криминал во работењето на локалната власт предводена од Илија Јованоски.

Прашањето кое и ден денеска ја мачи јавноста е следно: “Имаше, или немаше криминал при набавката на автобусите? Ако имаше, ќе покренат ли од ВМРО-ДПМНЕ кривична одговорност за Цветаноска? Ќе постапи ли Јавното обвинителство конечно по чуен глас?”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.