Aнгела Тасева е млад студент на Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје и е една од ретките девојки со илјадници следбеници на социјалните мрежи. Нејзиниот профил на Инстаграм го следат над 34.000 корисници, а нејзините објави изнудуваат огромен број позитивни реакции. Ангела е член на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ и активен учесник во креирањето на младинските политики на партијата, нешто за што вели дека е горда и дека посветено ќе го работи и понатаму во животот. Нејзината креативност и многубројни објави во текот на денот, не натера да ја прашаме нешто повеќе за нејзе, па во продолжение ќе можите да прочитате кои се нејзините афинитети, желби, како и совети за да се изгради еден ваков “инфлуенсерски” профил.
Со што се занимава Ангела, кои се твоите хобија, интереси, што е она што го окупира твоето секојдневие?
-Ангела е студент на Правен факултет, се занимава со политика, хоби и е одбојка, лични интереси нема, а секојдневно е окупирана со сликање, другарки, дружење, читање книги во слободно време и секако со едно размислување „Што да се направи да подобро утре?“
Вистинска реткост е во Македонија да се има Инстаграм профил со толку многу следбеници. Како успеа да го изградиш својот профил и да привлечеш внимание од толку голема публика? Што според тебе ги поттикнува луѓето да те следат и позитивно да одговараат на твоите објави?
-Пред да почнам да се фокусирам на својот личен инстаграм профил, пробав да пробијам низ “светот„ на нашето денешно општество за да можам да сфатам што всушност сакаат да видат, слушнат или пак прочитаат луѓето. Започнав да постирам се што правам преку ден, од излегување на кафе, вечерни излегувања, готвење, работни задачи, до спремање испити и викенд уживања со семејството и пријателите. Според мене луѓето сакаат да го видат твоето вистинско „јас“, за да продолжат да те следат и да бидат позитивни спрема тебе.
Лесно или тешко е да се биде инфлуенсер во Македонија, кои се позитивните, а кои негативните страни?
– Ништо не е тешко доколку уживаш и сакаш да го работиш тоа што те прави среќен или среќна.
Позитивните страни се доста обемни, но можам да издвојам една, за мене многу значајна, дека се чувствуваш среќен кога знаеш дека можеш да понудиш квалитетен производ. Негативните страни што според мене се прифатливи се негативните коментари доколку на некој следбеник не му се допаѓа тоа што го нудиш.
Дали постои можност да се заработи од ваков ангажман и колку компаниите кај нас се подготвени и знаат да вложат во ваков тип на реклама?
-Да, можноста е секогаш отворена за одлична заработка, доколку умееш да направиш компромис за истата. Моето искуство до сега докажало дека секоја компанија се грижи за своите купувачи и сака да привлекува нови, сака да просперира на пазарот и е спремна да вложи за да биде секогаш подобра.
Добиваш ли непристојни предлози и дали според тебе корисниците на Инстаграм во Македонија имаат културни манири?
-Секогаш пред да прифатам било каква реклама, на прво место се ставам себе, и се запрашувам „Дали доколку го направам тоа ќе биде добра реклама за мене, а потоа дали моите следачи ќе бидат задоволни од истата?“ Досега не сум добила непријатен предлог, а доколку некогаш се случи тоа, лично за себе би го одбила.
Да, сметам дека во Македонија, корисниците на Инстаграм имаат културни манири.
Од твоите објави може да се забележи дека си поддржувач на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во кратки црти на што се должи твојата поддршка на оваа политичка опција и дали можеби својата иднина ја гледаш во политиката?
– Можам да се пофалам, без да кријам, дека сум горда на моите 6 години посвета на политичкиот подмладок Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Мојата поддршка на оваа политичка партија најпрво се должи на идеолошката матрица, а потоа на начинот на градење како личност, почитта спрема семејството, дружбата и запознавањето на татковината од блиску. Да, ќе продолжам да бидам активна во политиката и во иднина, затоа што сум благодарна за секој мој труд вложен во неа.
Која е твојата “дестинација од соништата” која сакаш да ја посетиш?
– Сметам дека нема поубаво место за живеење од нашата Македонија, но кога би сакала да отидам на друго место и дефинитивно само да го посетам како дестинација ја избирам Кина.
Каде се гледаш за 10 години?
– За 10 години, се гледам тука во Македонија како адвокат во своја адвокатска канцеларија.
Твој совет до сите девојки и момци кои сакаат да станат инфлуенсер…
– Верувајте во себе, давајте го максимумот од себе, без разлика каде и да припаѓате, пронајдете се, не плашете се да бидете свои, затоа што само различни, а свои можеме заедно да изградиме подобро општество во кое ќе уживаме сите!