-Пред Новата година се потсетуваме на минатото. Моја голема желба отсекогаш беше да можам да направам нешто за мојата земја, за мојот народ да е весел и радосен. Затоа што среќата на луѓето е најважна. Она што денес го гледаме е далеку од моите, и од вашите желби. Се повеќе тага на лицата, се помалку насмевки. Среќата ја совладуваат неправди, сеприсутната корупција ја разградува радоста, има црнила на секој чекор, измамите владеат. Животот стана руина, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во новогодишното обраќање.
Новата година е и инспирација. Момент на топлина, визија, позитивен амбиент и голем елан. За желбите да станат стварност треба да се бориме, но и да веруваме. Јас ќе се борам до крај, бидејќи верувам во идеалот на обновата.
Верувам дека вие и вашите деца треба да се среќни, да имате добар стандард, стабилност, напредок, правдата да царува, а државата да се грижи за вас. Тоа е обновата. Тоа го посакувам. И тоа ќе го остварам, заедно со вас и пред се за вас, за мојот народ.
Годината што следи ќе донесе промени на подобро, следува економски бум, неправдите ќе бидат поразени, а Европа ќе влезе во Македонија во вистинска смисла на зборот. Принципите ќе важат за сите.
Следува победа на идеалот за обновата!
Со добри мисли и уште подобри намери, како еден од вас, ништо повеќе и ништо помалку од тоа, како човек, како ваш пријател, сосед, колега, познаник, сонародник, сограѓанин, ве повикувам да уживате во новата година и успесите кои сите заедно ќе ги оствариме и донесеме.
А пред се ви посакувам топол дом, многу убави мисли и прегратки, уште повеќе здравје, бериќет и љубов за секој еден од вас.
Нека е среќна, весела и радосна новата 2020 година.