Иницијатор и организатор на планинарскиот марш во овие две децении е новинарот во пензија и планинар Петар Ставрев, кој изјави дека годинава на маршот учествувале најмногу планинари.
Триесеттина планинари од битолските планинарски клубови денеска по 20-ти пат го одржаа планинарскиот марш до врвот Пелистер.
– Искачувањето на Пелистер го почнавме утрово во 6:30 часот и се движевме во три групи. Првата кон Пелистер се движеше од страната на врвовите, односно преку „Димев врв“, втората група се движеше од страната на местото викано „Кај болниците“, додека третата група по патеката која ја користат туристите, како и вработените на предавателниот пункт „Пелистер“. Токму на предавателниот пункт не пречека дежурниот Ѓорѓи Костовски-Ѓоката, кој како што е познато во1989 година беше дел од македонската хималајска експедиција која го освои Монт Еверест. На нашиот домаќин, како и секоја година му подаривме вино, а тој нам планински чај, истакна Ставрев.
Опишувајќи ги денешните планинарски доживувања, Ставрев посочи дека планинарскиот марш се одвивал без проблеми затоа што на Баба планина нема многу снег.