Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска присуствуваше во Велес, каде во изјава за медиумите за доделувањето на социјалните станови во оваа општина, истакна дека министерството и Владата ќе продолжат со реализација на вакви проекти во сите делови на државата, со цел што повеќе социјално загрозени семејства да дојдат до свој дом.
“Драго ми е дека семејствата кои ги сретнавме, ќе можат тука да градат една попристојна иднина, и ќе можат да си најдат топол дом. Ќе продолжиме во следниот период да работиме, на изградба на слични вакви објекти и во останатите делови на државата, за да помогнеме на што повеќе семејства”, истакна Николоски.
Николоски додаде дека освен изградба на социјални станови, државата ќе продолжи да гради и комерцијални згради, со цел да се влијае во цената на квадратот, што во моментов достигнува астрономски суми.
“Преку изградба на комерцијални згради ќе се обидеме да интервенираме во цената на квадратот, која што за жал достигнува во одредени градови басносновни суми, кои што дефинитивно мораат да одат надолу. Така што во следниот период ќе не има многу, со вакви и слични проекти кои што ќе доаѓаат”, потенцираше Николоски.