Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, го посети Средното општинско училиште Гимназија „Јосип Броз Тито“, кое следната недела, ќе го одбележи големиот јубилеј „80 години од одржувањето на првиот час на современ македонски јазик во училиштето“. Во исто време, додека директорката и вработените активно ги подготвуваат програмските содржини, кои ќе се реализираат од 02 до 06 февруари, паралелно продолжуваат и инвестициите со кои во Гимназијата редовно се вложува во подобрувањето на условите за работа во училиштето и квалитетот на воспитно образовниот процес.
Директорката Лидија Споа, на денешната работна средба со Градоначалникот Тони Коњановски, направи краток осврт на реализираните проекти и набавената ИКТ опрема во училиштето, во првото полугодие од учебната 2024/2025 година.
„Изработeна е настрешница и електрична инсталација за летна училница, извршена е санација на партерен ѕид, поставена е нова ограда од ковано железо и нови гранитни скали, набавени се работни клупи, шкафчиња, помошни елементи и дигестор за кабинетот по хемија. Набавени се нагледни средства и ИКТ опрема со вкупна вредност од 147.470 денари, а со нови планови и проекти, менаџерскиот тим, заедно со вработените, продолжува да ги подобрува условите во училиштето и во следниот период, се со цел создавање на пријатна и мотивирачка работна средина за нашите ученици“, информираше директорката Лидија Споа.
Овие инвестиции, во износ од 4.406461 денари, реализирани се со поддршка од Општина Битола и Министерството за образование.
Градоначалникот Коњановски, нагласи дека, локалната самоуправа продолжува да биде поддржувач и соработник на училиштето и во следниот период, во насока на обезбедување услови за квалитетно образование на учениците.