Нови акцизи: Ќе стигнат ли цигарите и до 500 денари за кутија?

Европската Унија одлучи да ѝ зададе нов даночен удар на тутунската индустрија преку предлог за зголемување на најниската можна акциза, пренесува ПРЕСС24.

Потегот на ЕУ значително ќе ја зголеми вкупната цена на цигарите во источноевропските земји членки, каде што некои цигари сè уште може да се купат за помалку од 3 евра.
Администрацијата на ЕУ предвидува зголемување на минималната можна акциза за цигарите од 1,8 на дури 3,6 евра за кутија од 20 парчиња.

Со оглед на тоа што минималната акциза за кутија цигари ќе биде 3,6 евра, тоа значи дека ќе поскапи целиот асортиман на марки тутун, што ќе биде придонес на Европската комисија за инфлацијата и подобрување на општата здравствена слика, пишува „Јутарњи лист“.

Новите решенија на ЕУ предвидуваат иновации во даночењето на разните тутунски производи, како што се испарувачите или загреаниот тутун.

Поради зголемената популарност кај помладата популација, даночењето на овие производи ќе биде поблиску до даночењето на цигарите.

Посилните тутунски производи за испарување ќе имаат минимална акциза од 40 отсто, а послабите до 20 отсто.

Загреаните тутунски производи ќе добијат акциза од 55 отсто – за продадени 1.000 единици ќе плаќаат 91 евро.

Се очекува зголемувањето на акцизите за тутунските производи да ги зголеми приходите на земјите членки на ЕУ за 9,3 милијарди евра.

Оние што го поддржуваат овој потег не кријат дека целта им е цената на тутунските производи барем да биде во чекор со инфлацијата, а најголеми поскапувања се очекуваат во Бугарија, Словачка, Полска и Унгарија.

Идејата на администрацијата на ЕУ е до 2040 година да има генерација без тутун, а пред тоа целта е до 2025 година да се намали уделот на корисници на тутунски производи од 25 на 20 проценти. Во крајна линија, односно во 2040 година, уделот на корисници на тутунски производи треба да биде под 5 проценти, пренесе „Денес.рс“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.