Новинарот oд Прилеп, Сунаи Сабриоски, упати жестока критика кон министерот за здравство Меџити, кој деновиве го нарече шоумен младиот пациент Игор Пехчевски, кој боледува од цистична фиброза.
– Министре Меџити па имате ли образ? Ако Пехчевски, пациент со цистична фиброза, е шоумен прашањето ми е кој тоа го доведе Пехчевски да се претвори според вас во шоумен? Министре Меџити, дали пациентите со ЦФ кои неколкупати протестираа се исто така според вас шоумени и дали на тие протести како и тој на Пехчевски гледате како на приредено шоу во кое пациентите молат за лек кој постои? Министре, добивте 78% покачена плата и фотелја, наместо да етикетирате пациенти седнете запотете ја таа удобна фотелја и дајте им го на овие пациенти тоа што го бараат за да продолжат да живеат! Какво недолично и ниско однесување во отсуство на конкретни одговори, вели новинарот во својата фејсбук објава.
– Кога не ви одговараат новинарите ги ставате во кош на манипулативни и дрски, во недостиг на одговор фрлате камења со кои самите може да се погодите, ама како ќе се погодите кога сте презаштитени. Крајно одвратно е да се каже за било кој пациент, во случајов Игор Пехчевски дека правел шоу преку медиумите за јавноста! Од тоа, според вас шоу на Пехчевски, голем дел од јавноста дозна за проблемите на овие пациенти, транспарентот на Пехчевски „САКАМЕ ТРИКАФТА“ беше одраз на неспособноста на севкупниот систем да им се даде тоа што впрочем го заслужуваат! Покрај тоа шоу за кое велите дека го приредил пациентот Пехчевски во февруари дознавме и за Благојче кој не напушти чекајќи да го дочека лекот! Ништо не добивате ако фрлате камења по овие пациенти, седнете и скратете си од удобноста и комфорот бидејќи Игор и останатите пациенти со ЦФ немало да се тоа што вие велите шоу за јавноста ако им биде дадено тоа што впрочем постои а е лек! Најмалку што можете е да им се извините на пациентите со цистична фиброза, за другото јавноста ќе ви пресуди! Министре размислете дека и вие и јас утре може да се претвориме, според вас, во шоумени и да молиме за помош и лек преку медиумите ама со кој образ ќе го направиме министре тоа ако претходно не сме помогнале на тие кои имале потреба од вас како министер и од нас како новинари? Борбата на Пехчевски е одраз на ова загноено општество потонато во комфор! – вели новинарот во својата реакција кон министерот за здравство.