Попладнево на стадионот во Македонска Каменица, во натпревар од 23-то коло на Втората лига-Исток, фудбалерите на Победа претрпеа нов пораз, и покрај тоа што клубот пред неколку дена доби нов претседател и ново раководство. Клубот се наоѓа на дното од Втората лига и се чини дека до крајот на сезоната ќе се бори за опстанок.
Избраниците на тренерот Крстески, за разлика од повеќето порази на гостувањата кога заслужено губеа, попладнево навистина одиграа солиден меч. Победа беше рамноправна во првиот, а далеку подобар противник во вториот дел.
Црвено-белите и денес примија два наивни, ефтини и недозволиви голови за овој ранг на натпреварување, со што уште еднаш се потврди дека одбраната е недоволно концентрирана во опасните ситуации пред сопствениот гол.
По примениот гол во првиот дел и водството на домаќините преку Дуков во 22-та минута, Победа имаше полушанса преку Грозданоски, чиј удар со глава заврши крај голот.
Во вториот дел со поофанзивна игра и формација, Победа беше многу поконкретна и поопасна по домашниот гол. Во најголем дел се играше на домашната половина. Тоа резултираше најпрвин со шансата по ударот на Најдов, кој го одбрани домашниот голман, а потоа и изнуден пенал врз Дунимаглоски, кој за жал Ангелески не го реализира (одбрани Иванов).
Во 75-тата минута Митрески имаше стопостотна шанса на втора статива, но неговиот удар го блокира Ричков. Во 83-тата минута Победа израмни на 1-1 преку Кисески Илијоски на додавање на Најдов. И кога се чинеше дека мечот ќе заврши со поделба на бодовите, во првата од 3-те минути надополнување, Саса од уште дна грешка на одбраната на Победа стигна до 3 бода со гол на нашиот екс играч Димоски.
Победа: Котевски, Петровски, Петкоски, Спиркоски (од 46 мин Митрески), Дамевски, Димитријески (од 46 мин Бошески), Дунимаглоски (од 74 мин Кисески-Илијоски), Ангелески, Јошески (од 58 мин Неделков), Најдов и Грозданоски.
Резултати 23 коло: Саса-Победа 2-1, Слога-Плачковица 1-1, Брегалница-Росоман 5-1, Тиквеш-Осогово 3-0 и Кит-Го-Кожуф 1-0.
Табела:Брегалница 61, Тиквеш 52, Кит-Го 41, Кожуф 35, Саса 31, Осогово 29, Слога 24, Победа 17, Плачковица 12 и Росоман 9 бодови.
Двојки за следното 24-то коло (сабота 24 април) : Плачковица-Победа, Кит-Го-Саса, Кожуф-Тиквеш, Осогово-Брегалница и Росоман-Слога.
За потсетување ФК Победа деновиве беше предмет на препукување помеѓу актуелните политичари од власта. Пратеникот на СДСМ од Прилеп и претседател на Општинската организација на партијата, Миле Талевски, повика одлуката за назначување на новото раководство да се отповика, но се чини дека ова негово барање беше помножено со “нула”.