Компанијата АвтоВАЗ која е дел од Рено-Нисан групацијата и сопственик на рускиот бренд Лада, на Саемот за автомобили во Москва приреди изненадување и го претстави новиот концепт со кој ја најавува следната генерација теренци Нива.
Концептот е дело на главниот инженер Стив Матин и неговиот тим, а крајниот производ е модерен SUV. Ако концептот го споредите со првата Нива, сигурно ќе забележите сличности помеѓу двата автомобили.
“Ние работиме на иднината на Лада”, изјави Матин, кој е директор на Дизајн во Лада, објаснувајќи ја идејата за концептот. “Со 4х4 Визија, го демонстрираме потенцијалот на уникатен, експресивен, храбар и енергичен дизајн во новиот SUV, а сепак со инспирација од легендарната Lada 4х4 Niva”.
Технички детали засега нема, а соопштено е дека моделот ќе биде базиран на „специјална платформа“ како и дека ќе биде пократок од Дачиа Дастер.
Она што се наоѓа под хаубата исто така е мистерија, но познато е дека автомобилот за прв пат ќе поседува и автоматски менувач.