Ни доаѓа Св. Никола: Половина Прилеп слави, половина оди на слава

Свети Никола е голем македонски празник, а како слава го има речиси секое второ православно семејство. Трпезата е посна, а Свети Никола меѓу другото, се смета за заштитник на морињата.

Празникот Свети Никола, кој на 19 Декември го слават православните христијани во Македонија, заедно со Свети Димитрија (Митровден) и Пресвета Богородица, се трите најмасовни домашни слави што се прославуваат во Македонија.

Сепак, Свети Никола е еден од празниците што македонските православни верници најмногу го слават како домашна слава или, пак, како именден. Речиси секое второ семејство овој ден го празнува како слава. Свети Никола е најпразнуваниот светец и многу македонски семејства вечерта ќе го прослават празникот со богата посна трпеза, на која преовладуваат риба, посно гравче и посни сарми.

Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец. Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните.

Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу Православната и Католичката црква од 1054 година.

Неговите богати родители Теофан и Нина, го добиле синот Никола во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското Царство. Младиот Никола растел во такво нестабилно опкружување.

Кога неговите родители умреле во големата епидемија, Никола го разделил целото наследено богатство. Никола е избран за архиепископ мирликиски. Бил и еден од архиепископите што се повикани пред царот Константин на саборот во Никеја во 325 година.

Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква „Мирликиска митрополија“, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот „Свети Јован Претеча“.

Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. Во христијанскиот календар, свети Никола се слави на 6 декември според стариот Јулијански календар т.е. на 19 декември, според новиот Грегоријански календар.

И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината. Така на пр. во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник „Новини” кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на св. Никола затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога.

Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале во стреде море како крепи една гемија готова да потоне.

Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат ѓемијата на суво. Виделе-не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат и со искинати алишта го одвеле пред Господа.

Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола треба да прават добри дела како што правел тој.

Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот на 29 февруари.

За Свети Никола строго е забрането да се работи, да се шие, мие, пере, пегла, чисти, како и да се јаде мрсна храна бидејќи празникот е посен. Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник.

Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола. Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.