Инспириран од една чаршиска дискусија којашто во последно време се турка од некои креатори на нихилизам во градот (читај ништо не е вредно што е направено т.е. ништо не чини, односно целосно негирање на сите достигнати општествени вредности, норми и сл.) ја повикав сопствената способност за анализа и го прифатив предизвикот да дадам „придонес“ на таквите дискусии.
Имено, најмодерните нихилистички дискусии што се сеат во градот се фокусирани на негирање на функционалноста на капиталниот објект на подземната инфраструктура на град Прилеп, а тоа е реконструкцијата на градската канализациона мрежа и изградба на пречистителна инфраструктура за еколошка преработка на отпадните води. Цитирам: „ги лапнаја парите и еве сега само го ископаја градот и не функциоира канализацијата; ова што го прават никогаш нема да проработи; џабе ги трошат парите само го ископаја градот и ништо од тоа не функционира….). Луѓето си муабетат, ама ретко кој верува на овие нихилистички креации на колективната градска мисла, бидејќи кога ќе ја повикаат сопствената свест и способност за расудување веднаш препознаваат од каде доаѓа „гушењето“ на здравиот разум.
Во контекст на здравиот разум и препознавање на „угнетувачите“ на здравата општествена или/и колективна мисла, притоа, без да навлегувам во територијата на политиката, ќе актуелизирам само некои препознатливи слики од динамиката на падот и развојот на Прилеп во блиското минато, а на читателите ќе им препорачам со аналитичка дистанца, секој да си носи свој заклучок, а не да носат суд по инерција на моите гледишта или од аспект на креаторите на болниот нихилизам од кој треба да се заштитиме.
Слика прва: го паметам градот кога имаше Парк на Револуцијата на којшто сите прилепчани беа горди… но, го паметам кога истиот тој Парк на Револуцијата беше избербатен…. па сега веќе, подолго време не само што е пристојно место за прошетка и рекреација, туку е и психо-духовно поилиште и катче кое што не енергизира и обединува по сите категории и возрасти нас, прилепчаните.
Слика втора: го паметам градот кога ја имаше модерната спортска сала „Македонија“ со капацитети и содржини за професионален и рекреативен спорт од повеќе области и со можности за исполнување на стандарди за изведба на меѓународни натпревари, концерти и сл.,…но, паметам како после несреќниот пожар во деведесетите години на минатиот век „креаторите“ на нејзината реконструкцијата му „направија“ на градот спортска сала без погоре наведените атрибути…патем, не мислам дека новоизградената црквичка пред нејзиниот влез е наменета за проштевање на гревовите на креаторите на реконструкцијата, туку нејзината намена е за многу пофункционални духовни потреби на граѓаните на Прилеп.
Слика трета: го паметам градот кога во центарот на градот го имаше малиот трговски центар таканареченото „трло“ со пристоен изглед и функционалност за свое време… но, го гледам сега со таканаречен бизнис центар на којшто ни ликот не му е ни приближен на некоја излитена и руинирана војничка касарна на седумнаесеттиот век, а не пак да личи на модерен бизнис центар кој што е граден на крајот од дваесеттиот век…. Сета среќа на педесетина метри од него, во поново време некој овозможи изградба на катната гаража со изглед и содржини соодветни на потребите на модерен град; на другата страна од таканаречениот бизнис центар алијас касарна до пазарот, тој/тие некои овозможија да се издигне уште еден таков модерен објект и патем почна изградбата на нов трговски центар со модерна инфраструктура на локацијата на стариот пазар за сирење.
Слика четврта: го паметам градот кога водоводната мрежа немаше доволно вода за пиење за своите граѓани… ама среќа Тој, некој, беше мудар да овозможи странски пари (од други даночни обврзници) да ни го решат тој проблем без денар самопридонес на граѓаните од град Прилеп за решавање на тој проблем.
Слика петта: го паметам градот кога на крајот од дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век беше нечист како Венеција во недела, бидејќи во недела во најтуристичкиот град на северот на Италија-Венеција не функционира службата за градска чистота, пак, замислете што се случува со отпадот што го прават многубројните туристи, а во недела таму никој не го собира ѓубрето….. но, веќе, десетина години наназад градот ни е чист како Венеција во работни денови и тоа секој ден – и во недела.
Конечно, не би се впуштал во набројување на уште слики за Прилеп, затоа што сум свесен дека граѓаните имаат регистрирано уште цело множество на вакви факти и врз основа на својата способност за морално расудување ќе носат вистински, здрави морални судови за тоа кој што направил, кој и што оставил, кој знае а кој не знае да прави функционални објекти, но и за тоа кој е одговорен за она што се случувало и во тој случај припишувањето на вина не е беспредметно и без основа. Но, важно е прецизно да се лоцира лукавиот, да не не понесе инерцијата на нихилизмот и да не дозволиме да се разболи нашата здрава индивидуална и колективна свест.
Д-р Зоран Петрески
Авторот на текстот е доктор на науки по јавна администрација