„Фатмир Меџити треба на јавноста да ѝ објасни како од една скромна барака во моментот гради голема хациенда од 336 квадратни метри ни помалку ни повеќе во елитната скопска населба Тафталиџе и ни помалку ни повеќе како прв комшија на Арбен Таравари“, рече потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на денешната собраниска седница, на која се дискутира за именување нов министер за здравство.
Николоски со фотографии објасни како изгледа политичката корупција повикувајќи го кандидатот за нов министер за здравство од Алијансата за Албанците, Фатмир Меџити, да објасни пред јавноста како од сите локации во градот Скопје, избрал токму спроти подарената куќа на својот пријател и претседател на партијата, Арбен Таравари.
„Како на улицата Бриселска 18А гради хациенда од 336 квадратни метри, еве можете да ја видите од една перспектива и еве од друга перспектива. Ова е како изгледа политичката корупција во Македонија и треба да објасни Фатмир Меџити како од сите локации во градот Скопје избрал локација токму карши подарената куќа на својот пријател и претседател на партијата Арбен Таравари. Вака, почитувани пријатели, изгледа политичката корупција“, потенцира Николоски покажувајќи фотографии од новата хациенда во сопственост на Меџити.
„Политичката корупција изгледа подарени и новоизградени куќи и хациенди една спроти друга на улицата Бриселска. Од едната страна Арбен Таравари, од другата страна Фатмир Меџити. Жал ми е што претседателот на Владата не е тука да одговори како е возможно вакви хациенди да се креваат во најелитната скопска населба и такви луѓе да предлага за министри“, потенцира тој и праша кој е моралниот кредибилитет на Меџити да биде кандидат за министер за здравство кога крева ваква хациенда. Кој е моралниот кредибилитет на Фатмир Меџити да биде кандидат за министер за здравство кога крева ваква хациенда, повторувам, ни помалку ни повеќе, наспроти подарената куќа на својот пријател и партиски претседател Арбен Таравари. Ова е тоа што во моментот се случува во Тафталиџе во Скопје и вака изгледа политичката корупција во редовите на владата на СДСМ и ДУИ, во која се обидуваат да влезат“, рече Николоски.