Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски оствари работни средби во Стејт Департментот каде се разговараше за стратешкото партнерство помеѓу Македонија и САД, со посебен акцент на политичките и економски врски.
На средбата со Даниел Лоутон, заменик помошник државен секретар задолжен за Европа, беше потенцирано силното партнерство меѓу двете земји засновано на меѓусебна поддршка и заедничка посветеност кон демократските вредности и создавање на подобри перспективи за економска и трговска соработка.
Во продолжение интегралната изјава на вицепремиерот Николоски по средбите во Стејт Департментот:
„Денеска во американскиот Стејт Департмент остварив неколку средби на високо ниво на кои што разговаравме за односите помеѓу нашите две држави. САД се стратешки партнер број еден на Македонија, држава која што најмногу ја подржува Македонија и зборувавме за заедничката економска и политичка соработка. Помеѓу другото се сретнав и со заменик помошникот Државен секретар задолжен за Европа, Даниел Лоутон. На средбата разговаравме за продлабочување на политичките и економски врски меѓу двете држави како и за стратешкото партнерство кое што го делиме, разговараме за соработката во НАТО во овие предизвикувачки времиња, како и заедничките операции што ги водиме. Зборувавме за економската соработка пред се во делот на енергетската транзиција и изградба на коридорите. Зборувавме за Пан европските коридори 8 и 10 кои што поминуваат низ Македонија и кои што се витално значајни за економијата и безбедноста на нашата држава. Зборувавме и за продлабочување на соработката во следниот период, очекуваме повторно да се активира Стратешкиот дијалог каде ќе разговараме за заедничките предизвици што ги имаат двете држави. Тука е и трговскиот договор кои што треба да овозможи многу повеќе бизнис, многу повеќе трговија помеѓу двете држави и секако стратешкото партнерство кое што треба да значи просперитет, напредок, безбедност и прозападни вредности на Македонија“, изјави вицепремиерот Николоски.
Работната посета на Вашингтон, вицепремиерот Николоски денеска ја продолжува со обраќање на глобалниот настан “Transforming Transportation 2026”.
























