Министерот за транспорт и врски и заменик претседател на Владата, Александар Николоски, на денешната прес конференција информираше дека во моментов се врши целосна проверка на сите издадени лиценци од институциите, при што во делот на лиценците кои ги издава Министерството за транспорт и врски, досега одземени им се лиценците на 97 правни лица.
“Во однос на Министерството за транспорт и врски во моментов спроведуваме контрола на сите издадени лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, и тоа на лиценци за изведувачи на градби од прва категорија, изведувачи на градби од втора категорија, надзор на изградба на градби од прва и втора категорија, проектирање на градби од прва и втора категорија, ревизија на проектна документација за градби од прва и втора категорија, управител за одржување на градби од прва и втора категорија, управител на градба и лиценци за изработка урбанистички планови. Она што можам да го кажам досега е следното. Од издадени над 1.100 лиценци, досега се вкупно проверени 643, проверката продолжува и очекувам до вторник целосно да е завршена. Од овие 643 лиценци кои што се проверени, кај 97 лиценци констатирано е дека по издавањето на истите, правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови, врз основа на кои истите се издадени, поради што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците”, истакна Николоски.
Тој потенцираше дека законите во делот на контрола не се јасни, и дека после овие проверки ќе следуваат соодветни законски измени, со кои ќе се создаде законска обврска на секои шест месеци да се врши контрола на се’ што е издадено од страна на институциите.
Согласно досегашната проверка, Николоски информираше дека на 13 правни лица одземена им е лиценцата за А изведувач на градби, на 34 правни лица одземена им е лиценцата за Б изведувач на градби, на две правни лица за А надзор на градби, на 6 правни лица за Б надзор на градба, на 3 правни лица за А проектирање, на 20 правни лица за Б проектирање на градби, на 2 правни лица за Б ревизија на проектна документација, на едно правно лице за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија и на 16 правни лица одземена им е лиценцата за изработка на урбанистички планови
Николоски потенцираше дека паралелно со оваа постапка, се врши контрола и на сите издадени лиценци и овластувања во делот на патниот превоз