Николоски од Прилеп: Многу добро се знае дека Македонија беше под окупација, а не под администрација

Заменик претседателот на Владата и Министер за транспорт, Александар Николоски, денеска присуствуваше во Прилеп на одбележувањето на Денот на народното востание – 11. Октомври. Николоски го честиташе празникот и порача дека многу добро се знае против кого беше кренато Народноослободителната борба и дека Македонија во тој период беше под окупација, а не под администрација.

-Овој ден треба и да не’ потсети зошто го славиме. Не смееме да заборавиме зошто беше кренато востанието, против кого беше кренато и против чија идеологија беше кренато востанието. Јасно е дека Македонија беше под окупација, а не под администрација, јасно е дека имаше силна Народноослободителна борба, а не идеолошка борба помеѓу левичари и десничари и помеѓу комунисти и ројалисти, туку јасна национална борба на македонскиот народ за народноослободување. Не случајно партизанските одреди ги носеа имињата на илинденците и на врвните дејци на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, така што 11. Октомври е континуитет на 2. Август, ако го немаше 2. Август, немаше да го има ниту 11. Октомври, а ако го немаше 11.Октомври, немаше да го има 8. Септември 1991 година. Мора многу, многу јасно овие работи да ги кажуваме, македонскиот народ има свој историско-политички континуитет и јасна културолошка и јазична посебност, која што сега е негирана, особено од нашиот источен сосед, нешто на кое треба остро да се спротивставиме и да држиме до она што се основни принципи на македонската државност. Го честитам празникот, посакувам на сите жители и граѓани во Македонија убав празник и да не заборават зошто го славиме и како треба да го славиме – рече Николоски од Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.