Николоски од Обединетите Арапски Емирати: Лет Дубаи-Скопје, се очекуваат инвестиции во повеќе сектори во Македонија

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, најави директен лет Скопје – Дубаи. Веста доаѓа за време на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, каде владината делегација остварува средби од економски и стратешки интерес.

Николоски информираше дека се потпишани неколку договори за соработка помеѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати и дека се отвараат нови можности за македонските извозно ориентирани компании.

-Министрите за надворешни работи потпишаа договор за економска соработка, исто така има договор и во образованието и културата, како и договор за заштита на инвеститорите и отргнување на двојното оданочување. Овие договори се предуслов за да можеме да одиме кон следната фаза, а тоа се конкретни инвестиции и конкретни проекти кои што ќе ги видиме во Македонија. Она што е исто така значајно, што е можеби комплетна новина за македонскиот бизнис и стопанство, а тоа е дека ОАЕ особено Дубаи, стануваат центар за трговијата кон Истокот, особено во овие комплицирани и турбулентни времиња во светот, имајќи ги во предвид геополитичките игри. Постои огромна можност за македонските компании кои што извезуваат да го користат Дубаи и Владата на ОАЕ како помош и сервис при нивниот извоз, како би се отвориле бројни нови пазари, кои што во моментов не се достапни за македонските компании, истакна вицепремиерот Николоски.

Николоски вели дека туризмот, инфраструктурата и образованието се секторите на соработка на кои се фокусираат.

-Ние веќе сме во интензивна комуникација со две од трите компании од ОАЕ, “Флај Дубаи” веќе го договоривме и за многу скоро време, прашање е на месеци, ќе има директен лет од Дубаи до Скопје. Веќе сме во интензивни преговори со “Ер Арабија”, за чартер летови од Абу Даби до Скопје и до Охрид, така што разговараме за најмалце две нови дестинации кои што би оделе од ОАЕ кон Македонија, изјави во телефонски разговор за Дневникот на МТВ, Николоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.