Владата преку Министерството за транспорт реализира сет мерки за подобрување на инфраструктурта во општините со што ја подигнува безбедноста во сообраќајот и го унапредува квалитетот на живот. Во меѓувреме креираме и нов Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура во општините, истакна потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на конференцијата посветена на подобрување на урабниот транспорт.
-Министерството за транспорт се приклучува кон најголемата европска кампања за подигање на свеста за одржлив транспорт и подобрување на квалитетот на живот во градовите, со што ја потврдуваме нашата посветеност да се движиме во ист правец со најдобрите европски практики. Со Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година предвидена е мерка за поддршка на поголемите градови за изработка на планови за одржлива урбана мобилност. Поддршката вклучува развивање на планови за одржлива урбана мобилност за Кавадарци и Прилеп, Кочани, Струмица и Струга, во согласност со насоките за развивање и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност на ЕУ, истакна потпретседателот на Владата, Александар Николоски.
Денешната конференција се организира во рамки на Европската недела на мобилност под мотото „Мобилност за секого“.