Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска во Прилеп заедно со градоначалникот Јовчески извршија увид во дел од тековните градежни активности во општина Прилеп.
Се работи за увид на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ на потегот од споменикот на Пеце Атанасоски до ООУ „Кочо Рацин“ каде во понеделник треба да се започне со реконструкција. Кракот што ќе се реконструира е во должина од 216 метри, има просечна ширина од 13,5 метри или вкупна површина некаде околу 3000 метри квадратни.
Исто така градежните активности се во тек на улицата „Киро Пајмакоски“, паралелно се работи и на асфалтирање на улицата „Браќа Ламески“ како и крак на улицата „Јоска Јорданоски“.
Вкупната должина на овие улици кои ќе бидат асфалтирани изнесува 400 метри, а нивната површина е околу 2000 метри квадратни.
Исто така деновиве ќе се започни со асфалтирање и во населбата Тризла. Се работи за улицата „Дабнички Завој“ со вкупна должина од 300 метри.
-Локалната самоуправа e веќе во завршна фаза на потпишување на договор за одржување и рехабилитација на улиците за во наредниве неколку месеци, што подразбира гребење и нанесување нов слој на асфалт, а тој договор опфаќа вкупна површина на улици од околу 12.000 метри квадратни со вредност од 15.000.000 денари – информираат од општина Прилеп.