Николоски: Во моментов се градат социјални станови во Прилеп, Македонска Каменица и Бутел, ќе продолжиме со поддршка за ранливите категории на граѓани

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска присуствуваше на доделувањето на социјални станови во општина Кочани, каде истакна дека како министерство и Влада ќе продолжи ваквата поддршка и во останатите општини и дека во моментов се градат или довршуваат вакви станови во неколку општини низ државата.

“После неколку месечна успешна работа на новиот директор на ЈП како и на неговиот тим веќе ги гледаме првите резултати. Завршена е процедурата во соработка со министерството за транспорт за распределба на социјални станови за ранливи категории на граѓани и во Кочани и во Велес. Се работи за категории на граѓани кои навистина имаат потреба од овие станови и се надевам дека среќа и топол дом во истите. Би сакал на сите кои што денеска ги добиваат, да им посакам поубави моменти во истите во годините што се пред нив”, истакна Николоски, кој потенцираше дека инвестицијата за социјалните станови во Кочани изнесува 72 милиони денари.

Тој истакна дека министерството во моментов работи на довршување и изградба на социјални станови во неколку општини.

“Работиме во општините Прилеп, Македонска Каменица и Бутел во Скопје. Во следниот период ќе работиме на реализација на комерцијални станови. Јавноста е запозната со одлуката на Владата, комерцијалната зграда која што се гради во општина Битола да биде понудена на продажба по цени кои што се би рекол реални, а тоа е 1000 евра за м2 за станбена површина, 500 евра м2 за гаража и деловните простории по 2000 евра за м2, како би можело да се влијае на енормно високите цени на пазарот за недвижности, пред се во неколку големи општини”, потенцираше вицепремиерот Николоски, кој додаде дека следно вакви комерцијални станови ќе се градат во Охрид и Скопје, а целта пред се’ е младите брачни парови да можат да си дозволат по нормални цени да купат свој дом.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.