Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, вечерва од Прилеп најави три новини и капитални проекти, кои целосно ќе ја променат сликата на градот во иднина. Автопатот Прилеп-Битола ќе ги виде првите километри асфалт годинава, Владата целосно ќе финансира реализација на градска обиколница во рамки на мандатот на актуелниот градоначалник, а ќе се гради и автопатско решение на делницата Фариш–Прилеп. Пораката Николоски ја испрати вечерва од Прилеп, каде присуствуваше на отчетот за првите 100 дена од мандатот на градоначалникот Дејан Проданоски.
Интенизивно се гради автопатот Прилеп – Битола, се започнува постапка за изградба и на нов автопат од Фариш до Прилеп, а во соработка со општината веќе се работи на план за изградба на обиколница, истакна вицепремиерот Николоски.
-Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени и првите километри асфалт.
Второ, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се направи обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во градот, нешто што е ветувано децении наназад. Тој е прв што е решен да прави ваква програма и еве да дадам ветување дека ние како Влада ќе го финансираме целокупно овој проект и овој проект ќе биде реализиран во рамки на неговиот мандат.
И трето, во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп од двете страни би бил поврзан со автопат, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
Со овие три најави, Владата испраќа сигнал дека инфраструктурниот развој на Прилеп ќе биде еден од приоритетите во наредниот период, а локалната и централната власт, како што беше истакнато, ќе делуваат координирано во насока на побрза и поефикасна реализација на проектите.
























