Николоски: Блокадата во Собранието е само првиот чекор доколку владата на СДСМ и ДУИ не се вразуми

Македонија е во континуирана политичка криза, а сега и економска и национална криза. Економската е заради катастрофата во економијата предизвикана пред се од домашната неспособност и од корона пандемијата и војната во Украина, а национална заради ова што со Бугарија. Во исто време погазена е волјата на народот особено после локалните избори каде што ВМРО-ДПМНЕ беше убедлив победник и тоа зборува дека власта треба да си замине, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вчерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на телевизија Алсат М, додавајќи дека најавените блокади во македонското собрание се првиот чекор доколку владата на СДСМ и ДУИ не се вразуми.

Николоски вели дека понудата на четири тима од страна на ВМРО-ДПМНЕ се за да помогнат во решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и државата во секторите образование, здравство, енергетика и меѓународна политика.

-Понудата е во тие четири сектори, да ВМРО-ДПМНЕ понуди луѓе со сериозна политичка тежина и експерти во истите области кои ќе помогнат да се решаваат проблемите, а паралелно да се договори датум за предвремени парламентарни избори. Од страна на власта имаме 5 реченици научени напамет кои постојано ги повторуваат и ги учат на поларизација. Треба на сите да им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ има најголема пратеничка група во собранието, после локалните убедливо најголем број градоначалници и позади нас стои огромното мнозинство на народот и тоа не смее да се игнорира. Заев поднесе оставка, а кога премиер ќе поднесе оставка се оди на избори, а не се прават вакви егзибиции со премиер кој не бил на избори, истакна Николоски.

-Тие се свесни дека ќе изгубат на избори, и затоа сега си викаат да истуркаме уште некој месец. На тоа е сведено размислувањето во врвот на СДСМ. Во држава како Македонија неопходен е политички дијалог. Има силна економска криза која силни ги погодува и владата и општините. Владата ја води ДУИ и СДСМ, а општините главно ВМРО-ДПМНЕ, а во дел ДУИ и Алијанса за Албанците. Во моментов нема комуникација и затоа жителите на општините плаќаат повисоки сметки за улично осветлување дури пет пати повисоки. Нема доволно дотации за училиштата и градинките поради што им се случи штрајк на СОНК. Нема капитални инвестиции. Имаме проблем со Бугарија, а цело општество треба да преговара. Не треба цела држава да страда само што СДСМ се свесни дека ќе губат, кажа тој.

Во однос на најавената блокада од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во собранието која треба да отпочне од 10 мај Николоски нагласи дека тоа значи блокирање на сите лоши законски решенија кои се во интерес на кликата на власт.

-Активната блокада на Собранието подразбира многу елементи, прво блокада на сите лоши законски решенија кои се во интерес на кликата на власт на пример како концесијата за земјоделско земјиште за кое предност ќе имаат олигарсите, второ садењето марихуана. Такви законски решенија ќе бидат блокирани, дециден е Николоски.

Николоски смета дека власта на СДСМ ќе се вразуми до 10 мај и ќе ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ односно како што рече за доброто на Македонија.

-Но се уште мислам дека ќе има свесност до 10 мај кај власта, за да ја прифатат понудата за доброто на Македонија. Прашањето во моментов е колку ќе изгуби државата која е во тешка криза затоа што ја водат неспособни. Македонија има најниска проценка за раст во регионот, празни рафтови, екстремни цени на енергенси, екстремно високи цени на прехранбени продукти, во такви услови слепо држење за столицата значи дека власта нема чесни намери, заклучи тој.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.