Николовски: Kpиза е, ама обезбедивме сѐ што може да се обезбеди

Оваа година ќе мора да ја менуваме свеста, ќе менуваме сѐ во земјоделието и ќе мора да го правиме она што го бара пазарот. Ако сме најусогласена земја со заедничката европска политика, ќе мора тоа и на дело да го покажеме, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во обраќањето на настан по повод 1 јуни Светски ден на млекото, што се одржа во дворот на компанијата „Бимилк“ во Битола.

– Криза е, ама обезбедивме сѐ што може да се обезбеди. Единствена земја во регионот во која вештачко ѓубриво се субвенционира со 40 отсто, поддршката за зелена нафта сега, со ребалансот ќе се измени до 100 проценти . Интервентен фонд не постои во ниедна друга земја, а ние оваа година имаме 15 милиони евра плус за интервентниот фонд. Тоа е обврска и за сите сточари и за сите земјоделци, да се усогласиме и заедно да ги менуваме работите и да се приклучиме на сите трендови, изјави Николовски, порачувајќи им на присутните млекопроизводители да не се грижат за исплатата на субвенциите, бидејќи се обезбедени 500 милиони денари за да им се исплатат средства за сите фази.

Во своето обраќање Николовски ги потенцираше сите мерки кои Министерството ги превзема за поддршка на млекопроизводителите и сточарите со посебен осврт на новиот модел на субвенционирање.

– Од оваа година почнува пилот проект за авансно субвенционирање најпрво во овоштарството а од 2023 за сите земјоделци, со кое ќе се овозможи 90 дена по аплицирањето земјоделците да добијат 30 отсто од сумата, а останатите 70 проценти ќе ги добиваат како и досега. Со ова ќе започне исплата на субвенциите од оваа за оваа година, нема да чекате до следната година за да ги добиете субвенциите, рече Николовски.

Тој потсети дека Министерството презеде низа мерки за поддршка на сточарите, како што е новата Програма за директни плаќања ги зголемивме субвенциите во сточарството.

– Ја зголемивме поддршката за грло говеда од 2.800 на 3.100 денари по грло и исто така ја зголемивме и субвенцијата кај обележани грла овци од 1000 на 1200 денари. Оваа година за прв пат воведовме дополнителна субвенција за квалитет на млеко. Производителите на кравјо млеко кои произведуваат млеко со екстра класа добиваа поддршка од 3,5 денари по литар, од сега ќе добиваат 4,5 денари по литар. Поддршката за овчо и козјо млеко исто така ја зголемивме од 4,5 денари по литар на 5,5 денари по литар млеко. На овој начин се стимулираат производителите на млеко да произведуваат квалитетно млеко, што ќе влијае на зголемување на откупната цена на млекото, додаде министерот.

Тој потенцира дека во услови на економска криза, преку Интервентиот фонд е воведена интервентна субвенција во износ од 5,5 денари за кравјо млеко произведено и предадено во преработувачки капацитети во периодот од јануари до април 2022 година, со која на млекопороизводителите им се помага полесно да ја надминат економската криза.

– Како еден од главните параметри за успешност во производството на млеко и млечните производи е избирање на вистинските млечни раси. Ова е година на историски највисока набавка на високопедигрирани грла добиток, со висок генетски потенцијал. Сточниот фонд ќе се обнови со високомлечни раси. Со тоа ќе имаме и зголемено производство на млеко. Потпишани се договори со 103 баратели кои ќе бидат поддржани со вкупна сума од над 253 милиони денари со кои сточарите ќе можат да набават вкупно 3842 грла високопедигриран добиток. За сточарите е особено важно да имаат доволно сточна храна. За таа цел, во подготовка се и нови јавни повици за закуп на државно земјоделско земјиште над 3 ха, од кои едниот ќе биде наменет за одгледување на сточна храна, истакна Николовски.

Воедно, министерот Николовски упати честитки до компанијата „Бимилк“ по повод јубилејот, 70 години од нивното постоење.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.