Во предвечерието на “изборниот фестивал“ на 11.12.2016 г. на политичката сцена се презентираат две понуди за водство на државата. Едната е онаа на политичката опозиција, а другата на владеачката партија.
Првата, без идеологија и свест за потребите на државата низ обидот да го драматизира владеењето на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ, ја тривијализира својата општествена улога и наместо како опозиција да биде коректор на власта таа, всушност, стана слуга на странските предатори(грабливци) на македонската држава. Напуштајќи го вистинскиот курс на политиката наместо да води борба за општествена промена, истата се обиде да ја инфантилизира сопсвената држава на тој начин што организира насилен обид именуван како „шарена револуција“ за уништување на атрибутите на македонскиот духовен капитал. За жал, на овој вид на антисоцијално однесување некои ликови од домашниот и странскиот политички и научен establishment му доделија чуден вид легитимитет со самото тоа што молчешкум го одобрија.
Втората(онаа на владеачката партија), водена од програми и начела, низ јасни стандарди и цели за добавување на практични резултати, движена единствено од добробитта на граѓаните овозможи смисла на животот во македонската држава.
Промоторите на овие две политички опции се познати. На првата, двоецот Заев-Шеќеринска(читај извршните секретари на Б.Црвенковски) со тајфата инсталирана на раководните функции во СДСМ. На втората, Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ.
За да не звучам пристрасно, без амбиција да бидам циничен и да омаловажам едни за да фаворизирам други, со аналитичка дистанца на научник, без предрасуди и моралистички шпекулации, низ слики, ќе се обидам да ги афирмирам двете политичките понуди во онаа димензија која ќе ја интонира нивната атрактивност за потребите на “изборниот фестивал“ што ќе се одржи на 11.12.2016г. Низ одразот на сликите за тоа која политичка понуда има повеќе мани, онаа на тие што ништо не работат или онаа на тие што многу работат, најдобро ќе се препознаат нивните атрибути. Притоа, треба да се има предвид дека оние ништо што не работат имаат само една мана-ништо не работат, а оние што многу работат имаат многу мани.
Слика 1: По духовната криза што ја зафати ВМРО ДПМНЕ со падот од власт на парламентарните избори во 2002 година, Никола Груевски и покрај тоа што некои “искусни“ политичари го нарекуваа претседател во меѓувреме, како нов лидер успеа да направи тим за победи со кој што, најпрвин, успешно ја реорганизира и доведе до топ форма сопствената партија. Со така реорганизираната ВМРО ДПМНЕ, веќе, на првите наредни избори ја освои власта во големите општини и градот Скопје, за потоа, во периодот што следеше сруши сè пред себе и целосно ја освои власта во Р.Македонија. Во тој контекст, создавање на силно водство за победи на изборите можат да му се бараат и најдат многу маани?!
Наспроти нив дезинтегрираниот и ослабен СДСМ заради слабото водство на Б. Црвенковски, доживеа кадровско и организациско распаѓање што беше проследено со дебакл на сите избори почнувајќи од локалните во 2005 г. Притоа, наследниците на Црвенковски двоецот Заев-Шеќеринска имаа само со една мана-не беа способни да креираат водство за изборни победи.
Слика 2: За потребите на доброто владеење Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ креираа функционален модел на владино управување со кој што го задвижија еволутивниот развој на сите сфери од општественото живеење во Р.Македонија. Со овој модел на владино управување, кој што во својата суштина го има проектниот менаџмент(оттука честата примена на зборот проекти во реториката на функционерите од владеачката партија), успешно ги свртија кон проактивно и претприемничко однесување сите функционери од сите нивоа на власта и јавниот менаџмент, а што резултира во ефикасно решавање на проблемите на граѓаните и државата. И, не случајно кадровската политика за потребите на власта и јавниот менаџмент сè темелеше на селекција на млади луѓе, бидејќи младоста е носител на голема психо-физичка енергија за справување со сите предизвици што ги носат реформските претприемнички зафати засновани на овој модел. По толку многу реформи и со толку многу добавени практични резултати за граѓаните и државата, недвосмислено е тоа дека од овој аспект може да и се најдат многу мани на политичката понуда од промоторите Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ.
Од овој аспект, промоторите на политичката понуда на опозицијата, двоецот Заев-Шеќеринска и СДСМ, евидентно е дека имаат само една мана-не знаат што е тоа функционален модел за владино управување и следствено на тоа го немаат.
Слика 3: Сакале некои научници и аналитичари да признаат или не, Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ креираа успешна стратегија за развој на македонската економија, која што даде и допрва ќе дава позитивни резултати за развојот на економијата и сузбивањето на невработеноста во нашата држава. Со успешно имплементираната стратегија за конектирање на глобалната светска економија, отпочна циклусот на инсталирање на сериозни компании од меѓународно и транснационално ниво во нашата држава. Со тоа овозможија развојна фаза на опустошената македонска економија и обезбедија многу нови работни места. Падот на невработеноста од приближно 40% (колку што имаше достигнато пред почетокот на владеењето на Груевски и ВМРО ДПМНЕ) на 24% е најдобар показател за тоа. И, тука можат да им се бараат и најдат многу мани?!
Другата понуда (онаа на двоецот Заев-Шеќеринска), пак, и во овој сегмент имаат само една мана-немаат стратегија за развој на македонската економија. Единствена економска стратегија им е онаа на нивниот ментор Б.Црвенкоски, а таа е криминална распродажба на државниот и општествениот капитал.
Слика 4: Со моделот на субвенционирање во земјоделието, а и во други стопански области, Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ овозможија истите да станат конјуктурни дејности. Се разбира дека и во овој сегмент можат да им се најдуваат многу мани, а на понудата на политичката опозиција може да и се пронајде само една мана-немаат модел за поддршка на развојот на земјоделието и останатите стопански гранки. За потребите на нивната “фестивалска понуда“ во сегментот на земјоделието пропагираат некаква си зелена нафта(нафта со повластена цена) за земјоделците. Се сомневам дека само со таканаречената зелена нафта може да се овозможи супституција на сите видови бенефити што ги носи моделот за субвенционирање на земјоделието и другите стопански дејности. Парите од субвенционирањето се движечка сила за многу бенефити неопходни за конјуктурно производство во било која област.
Слика 5: Во доменот на јавниот сектор Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ го имплементираа моделот за управување со квалитет. Практично, врз основа на овој модел, беа заменети застарените ригидни начини и практики на работење во јавниот сектор. Не случајно, уште од почетокот на нивното владеење, лајтмов на сите јавни институции и организации беа организациски обуки за учење на современи методи и практики засновани на моделот за управување со квалитет. Се разбира дека има уште многу да се работи на подобрувањето и имплементацијата на овој модел посебно во делот на креирањето и имплементација на функционален модел на јавен менаџмент, но повеќе од очигледна è подобрената ефикасност и ефективност во работењето на организациите од јавниот сектор.
Замислете образованието да се водеше врз основа на застарените модели, програми и практики. Без можност за користење информатичка техологија во наставата. Без имплементирани нови дисциплини за обликување на компетентност кај учениците. Колкава ќе беше разликата во оспособеноста за новото време меѓу нашите ученици и нивните врсници од развиените држави? На кое ниво на личен развој ќе беа бетонирани младите луѓе без задолжителното средно образование и без многу критикуваниот модел за високо образование кој што придонесе над 75% од генарациите во Р.Македонија да се запишуваат и стекнат со високо образование. Се прашувам колкава е себичноста и нарцисоидноста на некои квазинаучници, пленуми и слично што се дрзнаа да критикуваат нешто што направи секој млад човек да има можност да се стекне со високо образование. Да критизираат и бараат мани во нешто што не доближи на јапонското општество, каде што одамна 98% од генерациите завршуваат високо образование, а што е клучен фактор за високиот степен на развиеност на Јапонија. Што е подобро за младите луѓе и државата во целост? Да се стекнуваат со високо образование и стануваат конкурентни личности или, пак, да диринчат и безделничат „под сатот во Прилеп“ останувајќи неспособени за да се носат со новото време.
Се разбира и овде промоторите на моделот за управување со квалитет во јавниот сектор, Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ, имаат многу мани, а оние другите двоецот Заев-Шеќеринска со СДСМ имаат само една мана-немаат модел за подобрување на ефективноста и ефикасноста на јавниот сектор. Да не заборавиме, кога власт беше нивната политичка опција, она што го започнаа нивните ментори под називот реформа на јавната администрација не беше ништо друго туку само отпуштање на вработени од јавниот сектор. Го намалуваа бројот на вработени не за да овозможат квалитет во работењето на јавниот сектор, туку за да им остануваат повеќе буџетски пари за криминогени јавни набавки. За среќа народот многу бргу ја осуети оваа деструкција и ги тргна од власт за да не направат целосно уништување на кадровскиот потенцијал на јавниот сектор.
Слика 6: Најголемата “инспекција“ за барање мани во политичката понуда на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ сè случи во доменот на јавната политика креирана за да се зачува, обедини и обезбеди континуитет на духовниот капитал на македонската држава. Сите проекти почнувајќи од именувањата на инфраструктурните објекти, со имиња значајни од поблиската и подалечна историја на македонската држава, проектот Скопје 2014, новоизградените споменици во сите градови од внатрешноста на Р.Македонија, патеките на славните како што е онаа на плочникот пред домот на културата во Прилеп, не се ништо друго туку овозможување, нотирање, зацврстување и развој на духовниот континуитет и капацитет на македонската држава. Замислете ја импресијата за нашата држава без овие обележја. Без нив импресијата за Р.Македонија кај секого, без исклучок, ќе беше како за некој темен вилает од времето на осмалиското ропство кој што доживеал социјалистичка трансформација. Сакале некои да признаат или не, се обидувале да ги уништат или не, сите создадени обележја на македонскиот духовен капитал, веќе, постојат, молчаливо говорат, го презентираат и создаваат силна импресија за духовниот капацитет, интегритет и идентитет на македонската држава.
Креаторите на шарената револуција се обидоа да најдат многу мани на оваа јавна политика на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ. Меѓутоа, руинирањето на спомениците што се експонати на континуитетот на нашата историја и државна традиција, не е ништо друго туку само една мана на политичката понуда од опозицијата во овој сегмент-не сакаат силен духовен интегритет, идентитет и капацитет на македонската држава?! Да не е во тој контекст и нападот на унитарноста на македонската држава со заговорот за двојазичност?
Така некако изгледа дизајнот на политичките понуди за “изборниот фестивал“ на 11.12.2016 г. Можеби оваа анализа за некого е горчлива лекција. Можеби на некого му изгледа пежоративна. Можеби некои ќе вриштат дека ова не е вистина. Но, како и да è ова е она што се случува и што се нуди на македонскиот политички пазар. Единствено, се надевам дека на 11.12.2016г. нема да дозволиме да не водат оние што имаат само една мана, т.е. не сакаат силна, просперитетна и обединета македонска држава и нација.
Автор на текстот: Д-р Зоран Петрески