Не ја поддржавме, ниту ќе ја поддржиме двојазичноста

ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи ниту ќе поддржи во иднина постоење на таков закон за двојазичност. Таков закон за ВМРО-ДПМНЕ не постои, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување на емисијата „Ја сакам Македонија“ на Сител Телевизија.

– Имаше обид за носење на закон за двојазичност кој што заврши неуспешно, односно имаше собраниско фијаско каде што претседателот на Собрание се обиде грубо кршејќи ги законите, односно Деловникот за работа на Собранието да претстави пред македонската јавност дека донел закон за двојазичност, потенцираше Мицкоски.

Прашан дали доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, ќе го укине законот за двојазичност, Мицкоски потенцираше дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе формира нова влада, не може да укинува ниту да одобрува закони кои што не се донесени затоа што во моментот има закон кој што не е донесен.

На прашањето зошто се уште нема протести за најавената промена за името и за двојазичноста Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ кон крајот на месец мај или почеток на јуни ќе организира протестен собир и ќе упати политички пораки пред граѓаните и политичката елита во Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.