Годишните одмори се во полн ек, а најголем дел од македонските граѓани кои ќе патуваат во странство ја подготвуваат домашната подвижна патна аптека.
Заради високите температури први на листата се кремите против изгореници, но и препаратите за заштита од каснување од инсекти. Во летните торби за прва помош се присутни и лекови за висока температура, против болки, за настинка, крвен притисок, стомачни тегови, пролив и повраќање, најчесто “линекс” или други видови на пробиотици, но и прашоци – електролити за дехидрација и при дијареа.
Задолжително дел од приборот се и спреј за рани и изгореници, крема за заштита од медузии, алергии, заштита од сонце, гел за миење раце…
Лекарите од дополнителниот прибор ги препорачуваат очилата за сонце, капа или шапка, а истовремено и препорачуваат да се пие флаширана вода.
Во летната аптека може да се најдат: фластер, завои, електронските апарати за заштита од комарци, од вирусот зика, нилска треска и маларија, но и друг вид на инсекти. Но доколку хемикалиите пречат и создаваат алергии може да се користат и природни лекови. Меѓу нив се нането, лавандата, ајдучката трева и камилицата кои содржат есенцијални масла кои имаат способност да ги блокираат центрите за дишење на комарците и така штитат од каснување.
Комарците се најактивни во зора и во самрак, односно кога ветерот е најслаб и кога има најмногу влага. Кремите и лосионите за заштита од комарците на кожата делуваат до 90 минути.
За да нема изгореници по телото, дерматолозите препорачуваат за заштита на лицето да се користи крема која има заштитен фактор 50, а за тело може и со помал фактор, 30 или 20.
Матичните лекари препорачуваат хронично болните лица да си ја носат со себе редовната терапија. Бебињата и малите деца внимателно да се сончаат и во периодот од 11 до 17 часот да не се носат на плажа. Модерните времиња носат и нов начин на комуникација со матичните лекари. Голем број лица кога се во странство преку интернет или телефонски се во контакт со своите матични лекари и се советуваат каква терапија да користат во одредени состојби.
Тие потсетуваат дека кога се патува во странство во земјите каде што Фондот за здравствено осигурување на Македонија има потпишано договор за здравствено осигурување, да не се носат медикаменти, но задолжително да се поседува потребната потврда која ќе им овозможи бесплатни здравствени услуги.
Со Грција ваков договор не е потпишан затоа се препорачува патничко осигурување од некоја осигурителна куќа, бидејќи со нив може да се покрие секоја медицинска услуга.
Лекарите исто така советуваат на своја рака да не се користат антибиотици, бидејќи некој од нив како што е антибиотикот “цитерал“ може од дејството на сонцето да предизвика алергиски реакции, па дури и гушење.