Маркукуле неофицијално дознава дека новата здравствена институција Општа болница со проширена дејност – Прилеп, ќе има нов директор.
На местото на досегашниот в.д. директор, Драги Богоевски, според нашите информации ќе биде именувана поранешната пратеничка во Собранието од СДСМ, Кети Смилеска.
Владата на неодамнешната седница донесе Одлука за спојување на јавните здравствени установи, Здравствен дом Прилеп и Општа болница Прилеп во Јавна здравствена установа Општа болница со проширена дејност – Прилеп.
“Со спојувањето на овие две здравствени установи сите здравствени услуги кои во моментот се пружаат во две здравствени установи сега ќе се добиваат во една со што им се олеснува правото на пациентите да добиваат квалитетни услуги на едно место, без да бидат оптоварувани со дополнителни административни процедури за упатување од една во друга установа. Со спојувањето се намалуваат трошоците во административните процедури и се надополнува кадарот што недостасува, пред се медицински персонал во установите, а воедно со спојувањето се овозможува порационално искористување на буџетот, намалување на долгот, а со тоа и поефикасно работење, како и спојување на возниот парк, што ќе значи и надминување на досегашните проблеми со транспорт на пациенти, со посебен акцент на транспортот на пациенти со возило на итната медицинска помош” соопштија тогаш од Владата.
Смилеска беше дел од претходниот парламентарен состав. Родена е на 13.12.1974, и е Дипломиран економист на Економскиот факултет – Прилеп.
Во Собранието Смилеска беше член на Комисија за финансирање и буџет, Комисија за локална самоуправа, како и заменик член во Комисија за економски прашања и Комисија за здравство.
На Владина седница на 09.11.2020г. Смилеска беше именувана за за в.д. заменик на директорот во Агенцијата за стоковни резерви.