Необични луѓе од минатото на Прилеп: Ученик кој јадел жилети и прилепчанец кој станал милијардер

Необични луѓе има сега и некогаш

-Настаните се од пред повеќе децении

Прелистувајќи ги некогашните дневни и неделни весници, доаѓаме до впечаток за многу разлики, но и многу сличности меѓу сегашноста и минатото. Најинтересни се приказните за необичните луѓе, различни од другите. Имало, има и засекогаш ќе ги има. Издвојуваме текстови во оригинална верзија за неколку сограѓани кои некогаш го свртеле вниманието на јавноста.

Спиење на тераса

Необичната прикана за Борис Цветаноски, човекот кој спие надвор на тераса под ведро небо, изложен на сите временски погоди и непогоди, започната е 1985 година. Оттогаш нашиот јунак секогаш излегува на тераса, облечен во пижами. Подготвен за спиење се вовлекува во креветот. Се покрива со две ќебиња и, како што вели, една постара јамболлија. Така ја минува ноќта. Спие, има здрав сон и се чувствува пријатно.

-Нема повлекување – вели Цветаноски. И налето, и назиме, и напролет и наесен, спијам на терасата. Нити горештините, ниту големиот студ, можат да ме натераат да се повлечам, да го одложам спиењето на терасата. Немам мака ниту од дождовите, ниту од снегот. Се случува ветрот да нафрли снег врз мене. Станувам, го отфрлам, се зафаќам со работа. Така и со дождот. Нема некоја причина, што може да ме натера да го сменам леглото, да се преместам во собите – вели соговорникот пред годините.

Зошто се определил да спие на терасата?

-Ја сакам природата. Задоволство ми е да спијам надвор. Сакам да бидам повеќе надвор отколку во некоја просторија, меѓу четири ѕида. Постојано сум во движење. Во поголемиот дел од годината, наутро и навечер, го слушам пеењето на птиците – вели тој

Инаку, Цветаноски денес (1988 година) живее во местото Разлиште на шест километри од Прилеп кон Мало Коњари во куќата е заедно со својата жена. Наставникот во пензија подобро се чувствува кога работи. Одгледува пчели, стотина кокошки, дваесетина овци. Има и овоштарник. Речиси секој ден доаѓа в град со велосипед. Не е тајна дека спие на тераса. Не крие. Се лути на оние кои се сомневаат, кои се обидуваат да проверат дали во подоцните часови од ноќта е во креветот на терасата.

-Се случува некој да ја запре лимузината, некој од камионот доцна во ноќта да свика, да ме разбуди: Борисе, тука ли си? -Тука сум, одговарам. -Како си, не ти студи? Им одговарам дека сум добар, дека не ми студи. Тие одминуваат, а јас продолжувам да спијам – вели Борис

Кој не веруваше во таа (1988) година, одеше во Разлиште, да го види со свои очи спиењето на терасата.

Ученик јаде жилети

Неодамна разбравме дека во Детскиот дом ,,Кузман Јосифоски – Питу,, во Прилеп живее ученикот Богдан Ристески, кој јаде светилки, грамофонски плочи, а секое утро за појадок, покрај останотото јадење, и по еден жилет! Овој медицински феномен е ученик во Економскиот техникум. Роден е во 1940 година, во Карбуница, Кичевско.

Годинава (1958) го замоливме во Домот да ги демонстрира необичните способности да јаде стакло и железо. Отиде во собата откаде и се врати со жилети в раце. Пред нас стави жилет в уста, го издроби со забите и го голтна!. Потоа изеде уште еден жилет и парчиња од светилка.

-Секој ден, заедно со појадокот добивам како следување по еден жилет. Го јадам. Тоа е како тренинг заодржување на кондицијата – вели тој

Богдан јаде стаклени и железни предмети од 1957 година. Бил подложен на лекарски преглед. Констатирано е дека железото и стаклото што ги внесува во желудникот не му причинуваат никаква штета.

Прилепчанец – милијардер

Стеван Мидоски пред неколку месеци (1988 година) замина во САД. Го поведе семејството, сопругата и трите ќерки во Гарфилд, Њу Џерси. Се вработи во компанијата за парни котли, чиј сопственик е неговиот баџанак. Работата одеше добро, со едно мало незадоволство. Станарината во САД е мошне висока. Меѓутоа, големата страст за игрите на среќа, Стеван не ги откажа ниту во далечната Америка. Пред неколку месеци купил талон од играта на среќа викана ,,пикс-сикс,,, каде погоди шест бројки, нешто слично на нашето лото.

-Уште на првото извлекување на 5 мај 1988 година влегов во потесниот избор за добивање еден милион долари, во таканаречениот ,,бонус,, кој се спроведува во секое коло и задолжително донесува добивка од милион долари – вели Мидоски.

Ова се случува многу ретко, но ете среќата најмногу го сакаше прилепчанецот. Во финалето беше извлечен талонот со бројките: 5, 6, 5, 7 и 6.

-За добивката дознав на 15 јули околу 21 часот по наше време и морам да кажам дека навистина бев среќен и возбуден. Не се малку пари околу триста милијарди стари динари – признава добитникот.

Секоја година Стеван треба да добива по 50 илјади долар. Така наредните 20 години. Денови тој со семејството кројат плановите што со парите. Едно е сигурно. Набргу ќе се врати во Прилеп и ќе продолжи со работата во ,,Центропромет,,. Дел од парите сигурно ќе вложи за купување дуќан и слично, каде вработување треба да најде најстарата ќерка. Инаку, Мидоски бил постојан играч на лото и другите игри на среќа во нашава земја. Добивките што ги земал, се разбира, не биле како последнава. Имал некоја интуиција дека токму тој ќе биде добитникот на милион долари во1988 година.

Босанец најде лек во Прилеп

Боро и Весна од Прилеп денес (1988 година) живеат во Босна. Пријатели се со Драшко. Боро и Драшко заедно студираа Шумарски факултет. Една вечер муабетат во станот на Драшко, пијат ракија и мезат кајмак, но атмосферата е мачна. Високото црномуресто момче од Клуч, го вие левата нога под коленото. Пред две години (1986 година), како војник во Коњичкиот вод, се повредува и оттогаш на неа никако да згазне. Коската му е местена, ставана во гипс и лонгети, трипати оперирана, но вистинскиот лек го нема.

-Не може повеќе вака – му вели Боро.

-Не може. Изгледа ќе мора да се сечи – жално додава Драшко.

-Ќе те носам во Прилеп, ќе бараме лек.

И дојдоа лани. Боро, Весна, Драшко и неговата сопруга Гога.

Докторот Трајче Бошкоски, ортопед во болницата, го прифаќа Драшко. Тој знае дека ќе го излекува, ова не му е прв случај. Работел и на посложени операции. Оперирал и рбет, издолжувал и крајници, но никој тоа досега не го афирмирал, а тој е повеќе од скромен. Оваа специјалност ја изучуваше во Костозглобната болница во Охрид. Оттогаш, секоја година, на свој трошок учи и оперира. Во болницата го сметаат за свој. Занаетот го учеше од врвни мајстори. Со помош на апаратот ,,хофман,, излекувал и кренал на нога дваесетина пациенти. Со апаратот ,,илизаров,, продолжил и нозе за осум сантиметри. Работи се што се работи во Скопје, Охрид, Битола…

-Ништо не открив. Откриеното го спроведувам во живот и сум среќен што ми успева – вели д-р Бошкоски.

Пред овој доктор Драшко стои исплашен, ќе се успее или не?

-Драшко, ти ќе проодиш – му вели докторот.

Драшко плаче. Докторот го гледа како низ чад, низ магла. Му ја дава целата документацијана д-р Бошкоски, закажуваат операција за 13 април годинава (1988) и заминува за Клуч. Следат денови на исчекување, битка за својата нога несреќно повредена. Денот дојде, Драшко се најде на операционата маса. Операцијата е минато. Драшко се исправи на третиот ден, се разбира со помош на апаратот ,,хофман,,. На осмиот ден беше пуштен од болницата. Околу коленото носеше широк и тежок обрач, а се потпираше на штаки.

-Така до понеделникот, радосно раскажува Драшко, кога ми го извадија апаратот. Штаките ги оставив и се качив на велосипедот од љубезниот дедо на Боро, Јонче, кој, наместо родител, водеше грижата подолго од една година. Им благодарам на сите што се грижеа за моето здравје, посебно на д-р Трајче Бошкоски и сестрата Цветанка. Поради сето ова, Прилеп нема никогаш да го заборавам.

Уште има луѓе

За искажување хуманост во какви било прилики има повеќе начини, давање помош на настраданите во елементарни непогоди, одделување средства од семејниот буџет за гладни, подарување стара износена облека и слично. Има и друг вид хуманост што се потврдува со својата чесност.

Таков вид хуманост искажува нашиот сограѓанин Бранко Петрески (1988 година). Во Центар за печат и радио Прилеп дојде со штедна книшка од Стопанска банка. Во неа девизни средства. Влегувајќи скромно, тивко, прилепски, ни ја подаде книшката.

-Ја најдов во зградата на банката од старата пошта. Помислив дека е празно најлонче и го подигнав да го фрлам во корпата за отпадоци. Меѓутоа, забележав дека во него има штедна книшка и пари. Па еве ја донесов да јавите преку радиостаницата. Нека дојде сопственикот и нека си ја земе.

Во Редакијата речиси секојдневно сме сведоци на чесни постапки на наши сограѓани. За некои загубени работи сме јавиле со соопштение преку радио, некои сме ги известиле со писмо. Така и овојпат. Сопствеинкот дојде во Редакцијава, а ние го упативме кај наоѓачот.

Во сегашниов живот (1988 година) кога се се мери преку парите, кога се гледа се и секого да се искористи, изненадува ваквиот однос на нашиот сограѓанин. Што би рекле постарите; ,,Уште има луѓе на земјава,,. Не би било лошо помладите генерации да се учат на ваквите примери.

Извор:“Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.