Како да им беа малку сите досегашни празни ветувања и манипулации од страна на власта, па македонските тутунопроизводители и сточари, деновиве се соочија со уште еден, нов удар. Тие, пак се изземени од мерката „зелена нафта“, што според нив е уште еден погубен чекор за нивните и онака осакатени дејности – објави “АЛФА ТВ”
И понатаму, нема одговор на нивното, многупати поставено прашање – зошто овие категории на земјоделци редовно се изземаат од оваа мерка, што пак, доплонително ги револтира, па апелираат со оваа мерка итно да бидат опфатени и тие.
„Вистинската причина навистина не знаеме која е, дали се калкулира, дали се обесштетуваат со зелена нафта само поситни категории на земјоделци, меѓутоа и тутунарите и сточарите како земјоделци, своите ниви ги обработуваат и користат нафта во обработката на своите површини. Така што не гледам причина зошто тие би биле изземени од оваа мерка ?!“ – вели Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија.
Нивниот револт не е ништо помал и за се уште неисаплатените средства од Петтиот Ковид-пакет. Со таквиот однос на власта, велат дека се’ повеќе се потврдувале нивните сомнежи дека некој сака земјоделците да ги искористи како „евтина и припроста гласачка машина“. Бараат итна исплата на овие средства во првата половина од септември. Во спротивно, се закануваат дека веднаш ќе ги активираат протестите, а кои сега се ставени во мирување.
„Ситуацијата со Петтиот Ковид-пакет е алармантна. Изгласан е пред четири месеци, знаете на каков начин во Собранието, и тогаш Владата тврдеше дека сите пречки се отстранети за негова исплата. Што се случува после 4 месеци и зошто овој Ковид-пакет не е се уште исплатен?! Веќе се јавува сомнеж кај тутунарите дека тој ќе се користи како предизборен поткуп“, – посочува Мирчески.
Инаку, уште минатата недела, заради силното невреме кое зафати одредени реони од земјава и кое родот го уништи и до над 80 проценти, македонските земјоделци побараа и прогласување на состојба на елементарна непогода. Но, и на ова нивно барање досега нема апсолутно никаков одговор. „Значи, имаме екстремни суши и силни невремиња, односно катастрофална реколта, па очекуваме, ако Владата навистина се грижи за земјделците, под итно да ни излезе во пресрет на нашите барања. Во спротивно, се враќаме на улиците“, категоричен е Мирчески.
Каролина Дурло