Нема да не остават сами – Европската комисија најави пакет за енергетска поддршка од милијарда евра за регионот

Според најавите од Владата, од 1 декември годинава, околу 150 компании во државата кои произведуваат основни прехранбени производи ќе имаат фиксна цена на електричната енергија, а таа ќе биде пониска и од онаа која ја добиваат малите потрошувачи

Пакет за енергетска поддршка од Европската комисија за регионот ќе биде презентиран следната недела во Скопје од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, вредноста на пакетот за поддршка, според најавите, е милијарда евра.
Министерот за надворешни работи, Османи бил информиран од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за пакетот за енергетска поддршка којшто, како што рече, ќе биде најавен со доаѓањето на претседателката на ЕК следната недела во Скопје, пред се, за надминување на тековните проблеми во однос на снабдувањето со енергија и високите цени за индустријата и домаќинствата.

Османи на средбата со Вархеји се заблагодари за работата на Европската комисија за планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион. Во овој контекст, како што информираше МНР, од страна на Вархеји беше најавен финансиски пакет за регионот, во износ од милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза.

До крајот на месецов треба да биде финализиран пакетот мерки за помош на компаниите што се на либерализираниот пазар. Се подготвуваат и таргетирани мерки за индустриите поврзани со основните прехранбени производи. Според најавите од Владата, од 1 декември годинава, околу 150 компании во државата кои произведуваат основни прехранбени производи ќе имаат фиксна цена на електричната енергија, а таа ќе биде пониска и од онаа која ја добиваат малите потрошувачи.

Според најавите, АД ЕСМ по празникот ќе соопштат кои фирми понудиле природен гас на тендерот за снабдување на топланите. Како што велат од компанијата, се уште чекале да бидат доставени понудите, па потоа ќе ги разгледале и од вторник ќе ја информирале јавноста кој се се пријавил.

Понудите компаниите требаше да ги достават до завчера. ЕСМ претходно го повика Макпетрол да достави до нив нова понуда за гас, откако компанијата соопшти дека навремено не добила побарување од ЕСМ за гас поради што не ги платила потребните количини до нивниот доставувач Гаспром за ноември.

Освен Макпетрол, имаше уште две компании кои беа заинтересирани да достават понуда на тендерот за снабдување со природен гас за ноември годинава за потребите на топланите, а постоеше можност понудите да бидат за целата грејна сезона, вклучително и за работата на когенеративната постројка ТЕ-ТО.

Вкупните количини што се бараат за шест месеци, односно од 1 ноември до 30 април се околу 225 милиони нормални кубни метри природен гас кои се доволни за производство на топлинска и на електрична енергија, односно се доволни за работа и на топланите и на ТЕ-ТО.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.