Немаше каде игла да се фрли! Незаборавен дочек на Новата година во Битола (Фото галерија)

Во прекрасна атмосфера со настанот „Ноќ на нови почетоци“ на Платото пред Офицерскиот дом, Битола ја дочека Новата 2025 година. Групата Фонтана, Андријана Јаневска, Зуица Лазова, Сузана Спасовска и Димитар Андоновски со прекрасни македонски песни и песни за Битола, пееја заедно со многубројната публика.

Прекрасно музичко загревање на овој настан создаде Борче Наумовски – Министерот кој заедно со изведувачите од „Ноќ на нови почетоци“ остана на сцената до полноќ и одбројувањето на последните секунди од 2024 година, во придружба на Дедо Мраз и искрената честитка од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, до сите сограѓани и гости:

„Ви благодарам за поддршката која ни ја давате, а се надевам дека и ние ви возвраќаме на вистински начин. Ви благодарам на посетеноста вечерва, кога ве има во огромен број, од Битола и од други градови, со кои се сретнав вечерва, а и за досега откако сме заедно во „Зимската приказна“. Вечерва започна искачувањето на планинарите на Пелистер, кои утре, во првите мугри ќе го имаат најубавото изгрејсонце од врвот Пелистер, на 2601 метар надморска висина. Ви посакувам во новата 2025 година да бидеме сите живи, здрави, да не прати среќа и годината која е пред нас да биде бериќетна“, порача градоначалникот Коњановски.

Големиот огномет на полноќ, беше дополнителна убавина на ноќта, а за почеток на Новата година, публиката ја продолжи забавата со Дувачкиот оркестар „Блезери“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.