На 08 јуни 2022 год, поранешниот ученик во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Валентин Ѓорѓиоски, реализира средба со професорката по информатика Анета Стојческа.
Валентин, како ученик, во Гимназијата е запамтен по исклучителното залагање во наставата и големите успеси што ги постигна на државните и меѓународните натпревари по информатика и математика.
Денес, Валентин Ѓорѓиоски и Кирил Иваноски, кој исто така е поранешен гимназијалец, се сопственици на компанијата за изработка и развој на софтвер „Grabit“ со седиште во Прилеп и со канцеларии во Скопје и Љубљана (Република Словенија).
На средбата, во подолг разговор, Валентин се интересираше за одвивањето на наставно – образовниот процес и препреките на кои наидуваат наставниците при реализацијата на наставата, како и за можноста компанијата „Grabit“ да донира во училиштето. Бидејќи и самиот е информатичар, се интересираше за условите во кабинетот по информатика. Кабинетот располага со скоро нови компјутери од понова генерација кои ги задоволуваат потребите на наставата, но кога работат значително ја зголемуваат температурата во просторијата. Поради тоа, Валентин го прифати предлогот на професорката Анета, за донација на клима уред. Клима уредот е навистина повеќе од потребен и многу ќе придонесе за учениците да можат во подобри услови да ја реализираат наставата.
Низ разговорот се разгледуваа и можностите за понатамошна соработка на компанијата „Grabit“ со Гимназијата. Идеја е учениците кои постигнуваат успеси на натпреварите по информатика и математика да бидат во контакт со Валентин или други одговорни лица од компанијата, кои со своето искуство и знаење ќе им помагаат за постигнување на повисоки резултати. Не е исклучена и можноста компанијата да овозможи, гимназијалците да реализираат практична работа по предметите информатика и програмски јазици и да ги стимулира учениците со пригодни награди. Сето тоа е во насока за гимназијалците да ја согледаат користа од изучувањето на информатиката и што повеќе да се насочат на инженерството, со надеж дека ќе се успее колку може повеќе од нив да останат во Македонија.
Професорите од гимназијата беа пријатно изненадени, што и после повеќе години од излегувањето од гимназиските клупи, има некој што сè уште мисли на условите во кои се одвива наставно – образовниот процес во гимназијата.
Воедно, испраќаат голема благодарност до Валентин Ѓорѓиоски и компанијата „Grabit“. Клима уредот, донација од „Grabit” веќе е инсталиран во кабинетот по информатика. Се надеваме дека и други општествено – одговорни компании ќе го следат овој позитивен пример – информираат од прилепската гимназија “Мирче Ацев”.