Прославата на Христовото раѓање пред шест децении.
Традиција беше децата да ловат врапчиња кои им се сервираа на првиот ден од Божиќ.
Долга традиција е славењето на Божиќ. Во комунистичкиот режим малку замрело одбележувањето на Христовото раѓање, но адетите се одржувале со бадникови гранки посна трпеза пред Божик и ручек од печена кокошка за Денот во свечена семејна атмосфера, покрај неофицијалното ембарго на власта.
Пензионерот Методија Николоски – Мучакот е на возраст од 74 години. Некогашниот рекордер во крводарителство јасно се сеќава дека пред шеесетина години на божиќната софра мајка му им поставувала варени врапчиња што децата сами ги ловеле на капан. Жали што младите генерации не ги одржуваат обичаите на предците.
-Ловењето беше детски ритуал. Родителите нé не спречуваа. Пред Божиќ, децата се организиравме да ловиме врапчиња. На снегот фрлавме трошки од леб, а над нив корито или сито потпрено со стапче, кое беше врзано со долг конец. Кога врапчето ќе дојдеше по лебот, го тргавме конецот оддалеку и врапчето остануваше заробено под коритото. Потоа ги кубевме со врела вода, а мајка ми ќе ги свари и ќе ги стави во сало да ги послужи на богатата трпеза на првиот ден на Божиќ – вели Николоски.
Тој додава дека Божиќ бил семеен празник кога се собирале сите членови од семејството.
-Татко ми беше арабаџија. Со коњот и колата нé одгледа и изучи шест деца. Не оставеше да не донесе кокошка или петел да се испече за Божик.
Атмосферата на славје се збогатуваше со аранжмани на дабови исушени гранки со ливчиња на влезната врата и на трпезата.
Покрај богатото разновидно јадење, мајка ми ни послужуваше врапчињата колку да пробаме нешто што сами сме го ,,спечалиле,, – памети Николоски.
Пензионерот жали по тие добри времиња следени со сета сиромаштија, зашто меѓу луѓето не владееле омраза, завист или зло. Ги красела скромност. Сите биле задоволни со малку. И благопријатно расположени со тоа што им го дал Господ. Секој ја бркал работата, главно околу пеглањето на тутунот.
-Сега луѓето се исчуручија. Се запалија по богатства и не гледаат ни семејна топлина, ни здравје, ниту роднини или пријатели. Интересите им се светост, дури и пред семејството. Сé прават, само да дојдат до пари. Не се вртат на прилепскиот намус, газат на сопствената чест и достоинство и цапаат на пријателства создавани со години. Дојде некое друго време во кое не можеме да се соземеме, туку само се вџашуваме и се чудиме. Не се почитува ниту ниту вера, ни црква… Без исав се граба туѓо, иако, додуша на малкумина, им се претура. На прсти се бројат оние кои даруваат од милосрдие. Тек-тук, понегде се негуваат традиционалните вредности. Некои кинисале само по црквите, небаре ќе се исперат од гревовите. Верата бара чисти луѓе кои си помагаат. Некогаш се делеше од сопствената уста да им се даде на сиромашите кои сол немаат да си фрлат. Се одеше на припомош на калапење тутун зиме. Сега луѓето како да си копаат гроб еден на друг. Ја превртеа поговорката. Велат – ,,да умри комшијата, да му ја земам козата,, – вели Николоски.
Како и да е, хуманиот човек што речиси стопати ја подал раката да дарува крв и за што добил многу признанија, е среќен што барем малку останало од градскиот намус, што се вели, колку за мерудија и семе да се фрли за дел од идните генерации.
Тој верува дека моралните вредности ќе извојуваат победа над алчноста, аздисаноста и безграничната амбициозност.
Извор: “Неделник ЗЕНИТ”