Претседателот на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) – Жан Тод направи тажни откритија во врска со статусот на неговиот добар пријател Михаел Шумахер. Според прогнозата на Французинот, легендарниот Ф1 тркач никогаш нема да се опорави целосно по инцидентот при скијање.
Во 2013 година, непосредно пред одбележувањето на Нова година, 7-кратниот светски шампион падна врз скриен под снегот камен и тоа доведе до сериозни трауми на мозокот. Тој итно беше опериран во локална болница, а оттогаш неговото семејство значително го ограничи протокот на информации во јавниот простор. Од пред извесно време Шумахер се врати во својот дом крај Женевското Езеро, каде што многу малку луѓе, како Тод, добиваат можност лично да се гледаат со 50-годишниот поранешен пилот.
Французинот продолжува да го посетува Шуми при секоја можност, а минатата недела беше специјален гостин на Фестивалот за брзина „Гудвуд“ во Западен Сасекс, Англија, каде беше оддадена посебна чест.
-Неговото семејство се бори исто толку колку и тој, но нашето пријателство никогаш не може да биде истото, како што беше порано. Само затоа што повеќе нема иста комуникација како порано. Можам само да споделам дека семејството на Шумахер вложува многу за да се грижи добро за него и тој продолжува со битката, изјави Тод за весникот „Експрес“.