Тројца членови на велосипедското здружение “Маркови точакџии” од Прилеп, направија подвиг кој долго ќе се памети и за кој долго ќе се зборува и раскажува.
Филип Илиоски, Влатко Крстески и Христијан Мојсоски, се тројцата дечки кои на велосипед поминаа 1.800 километри во две недели и ја реализираа Tour de Suisse.
Нивната тура започна од езерото во Цирих и по 14 дена на две тркала пристигнаа во Прилеп.
На патот до својот подвиг поминаа низ 7 држави и низ секакви временски услови.
Денеска тие имаа прием и кај градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој им честиташе на подвигот и порача дека тие се вистински амбасадори на Прилеп и Македонија.
-Филип, Влатко и Христијан се вистински прилепски амбасадори кои поминаа повеќе од 1.800 километри на велосипед и така успешно ја реализираа Tour de Suisse 2024! Како градоначалник, денес, имав чест тие да бидат мои гости и исто така имавме прилика да поразговараме за нивниот прекрасен подвиг, за нивните авантури низ 6-те држави кои ги помимаа и својата мисија која успешно ја завршија во Прилеп, Македонија. Локалната самоуправа на Општина Прилеп секогаш ќе дава безрезервна поддршка на ваквите подвизи бидејќи покрај промоцијата на спортот и здравите навики, се промовира и нашиот град и нашата држава – напиша Јовчески на ФБ.