Актуелниот кошаркарски првак, екипата на МЗТ Скопје, го ангажира првото странско засилување во пресрет на новата сезона, откако денеска потпиша договор со кенискиот интернационалец Нуни Омот (24 год, 206 см), кој доаѓа од филијала на Бруклин нетс од НБА.
Според голем број американски стручњаци, станува збор за исклучително квалитетен крилен центар, кој одлично се снаоѓа и на позицијата „3“ и за кого не би било чудно ако во блиска иднина заврши во тим од најсилната лига во светот. Тој веќе знае како е да се биде дел од НБА-екипа, со оглед што минатото лето прво настапи на пет средби во Летната лига во дресот на Голден стејт вориорс, а потоа беше дел од тренинг кампот на Бруклин нетс и играше за овој тим во претсезонски меч против Њујорк никс.
Омот непосредно пред почетокот на минатата сезона беше префрлен во филијалата на „мрежичките“ во развојната ЏИ-лига, што воедно значи дека и понатаму е интересен за челниците на овој НБА-тим. Во дресот на вториот тим на Бруклин нетс, новото засилување на аеродромци настапи на 44 средби со просек од 5,5 поени и два скока. Претходно, имаше и повеќе од солидна универзитетска кариера во дресот на Бејлор универзитетот, за кој играше и доскорешниот кошаркар на МЗТ, Лестер Медфорд. Омот во последната сезона во НЦАА-лигата на 34 средби имаше просек од 9,9 поени, 3,6 скока и 1,7 асистенции.
Кениецот е осмиот кошаркар кој во моментов е под договор со тимот од „Јане Сандански“, откако претходно беа ангажирани Кристијан Николов и Бојан Крстевски, а беа обновени договорите со Андеј Магдевски и Андреј Маслинко. Од минатата сезона обврски кон актуелниот првак имаат Дамјан Стојановски, Марко Симоновски и Ранко Мамузиќ. Тренерот Ѓорѓи Кочов ќе продолжи да ја предводи екипата и во следниот период.