Селото Штавица се наоѓа на југоисточната страна на Прилепското Поле, во средишниот на Општина Прилеп. Од Прилеп
е оддалечено 13 километри. Штавица е сместено во дното на долот на допирот помеѓу Селечка Планина и отворот кон пространта рамнина на Прилепското Поле, односно Пелагонија. Веднаш крај селото минува патот од Прилеп кон Мариово преку превојот Слива.
Штавица е ридско село сместено на надморска височина од 800 метри и граничи со селата Чумово на север, Марул на југ и Мало Рувци на запад.
Денешната Штавица е основана пред околу 170 години од страна на доселеници. Најнапред се населиле предците на денешните родови кои го слават Св. Мина. Тоа се: Дељовци, Јолевци, Толевци и др. Дошле „од кај Тиквеш“ како еден род, после нив се населиле предците на останатите селски родови. Околу 2 км јужно од Штавица е местото „Латински Гробишта“. Сега таму се наоѓаат ниви. Се зборува дека на тоа место, биле закопани „бабари кои се испотепале меѓусебно“.
Селото е познато и како Мал Холивуд или Македонскиот Холивуд, односно тука се снимени дел од сцените на филмовите “Пред дождот” и “Прашина” на Милчо Манчевски.
За потребата на филмот “Прашина” е направена и мала автентична црквичка, која за жал денеска е наполнета со сено без воопшто да биде заштитена.
Во селото се наоѓа и црквата Рожденство на Пресвета Богородица.
Црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ е еднокорабна, со полукружна апсида на источната страна, која надвор е расчленета на осум слепи ниши. Северниот и јужниот ѕид се со пиластри и се расчленети на плитки ниши. Изградена е во 1881 година.
Црквата е изградена благодарение на парохискиот свештеник Анастас Налетоски, а осветена е од Пелагонискиот митрополит Бенедикт.
Во дворот на црквата има и базен, па секоја година за празникот Богојавление – Водици тука врие од народ. Ништо поразлично не е ниту за празникот Мала Богородица или Рожденство на Пресвета Богородица.
Малку погоре над селото се наоѓа и прекрасна зелена лединка каде тече и мала рекичка. Одлично место за одмор и рекреација.
Не секогаш ви е потребен раскош, некогаш е доволно да погледнете и нешто поинакво, автентично, да погледнете во какви куќи се живеело…
Затоа ова село е толку посебно и интересно. Посетете ја Штавица!