Во исчекување на официјалните партиски анкети за предлог кандидати за градоначалник, граѓаните секојдневно нагаѓаат кои имиња ќе се најдат на гласачкото ливче и кој ја заслужува нивната доверба.
Засега молк и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, но речиси е јасно помеѓу кои кандидати партиите ќе одбираат, за да ги предложат да ја бараат поддршката од граѓаните.
И додека во Прилеп се познати неколку имиња на припадници од машкиот пол, кои потајно или јасно и недвосмислено ги покажуваат амбициите да станат градоначалници, никој не сака да го слушне гласот на граѓаните, дека можеби е дојдено време и жена да влезе во градоначалничката трка.
Од СДСМ, тоа би била претседателката на Општинската организација, Петра Лукароска, а од ВМРО-ДПМНЕ повеќе од заслужено на гласачкото ливче би се нашло името на актуелната претседателка на Советот, Ирена Стерјовска Локвенец.
Кога би се направила една ретроспектива, Стерјовска Локвенец е еден од луѓето на локално ниво која понесе тежок товар во борбата за промена на власта. За припадничките од женскиот пол таа е “матица”. Под нејзина палка се правеле најмасовните женски собири на Унијата на жени во Прилеп.
Почитувана и од Извршниот комитет на УЖ, каде е член. Скоро една година успешно го предводи Советот на општина Прилеп, каде важи за почитувана од колегите советници, а откако е таа на чело на Советот, се донесоа низ популарни мерки кај граѓаните и се изгласаа повеќе проекти кои со сигурност во иднина ќе го подобрат животот во Прилеп.
Најновата одлука која се донесе на последната седница на Советот, беше давање зелено светло за доделување субвенции од општината за набавка на инвертер клима уреди.
Мислењето на прилепчани е дека актуелната претседателка на Советот заслужи и пратеничко место, но веруваат и дека со нејзиното присуство во градот, Прилеп ќе добие многу повеќе од уште една функција пратеник.
Останува да видиме дали двете најголеми партии би биле подготвени да поддржат за промена и жени за кандидати за градоначалници.