Доживеал ли непријатност лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски во Рим каде што пред два дена бил поканет на собир на Партијата на Европските социјалисти, а сепак не му било дозволено да влезе на собирот – прашува порталот “ПЛУС ИНФО”.
Како што објави влијателниот медиум Политико, Ковачевски, иако бил повикан, не успеал веднаш да влезе на собирот на европските социјалисти во Рим.
Новинарите на Политико дури и пренесуваат што точно Ковачевски им рекол на организаторите на настанот:
„Јас кога канам луѓе ги канам да влезат, а не да останат на улица”, изјавил наводно Ковачевски откако бил одбиен да влезе на собирот на елитата на Европските социјалисти, пренесе Политика.
На крајот, сепак, очигледно недоразбирањето било решено и Ковачевски се обратил на панел-сесијата „Решенија за подобар квалитет на живот“. Тој се сретнал и со премиерката на Данска, Мете Фредериксен, со шпанскиот премиер Педро Санчез, како и со германскиот канцелар Олаф Шолц.
По завршување на конгресот Ковачевски изјави:
– Денеска учествував на Изборниот конгрес на ПЕС, насловен како ‘Европа што ја сакаме, социјална, демократска и одржлива’, на којшто беше усвоен Манифестот на Партијата на европски социјалисти за претстојните избори и како заеднички кандидат на партијата кој ќе го води европското социјалистичко семејство на европските избори во 2024 година се избра еврокомесарот за работни места и социјални права, Николас Шмит – изјави Ковачевски.
Сличен регионален состанок со Партијата на европски социјалисти (ПЕС) се одржа и на 10 февруари годинава во седиштето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Скопје.