На иницијатива на “Авто Контрол”, а по повод 8. Март, во центарот на Прилеп испратена моќна порака за безбедност и почит кон жените во сообраќајот

По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, станицата за технички преглед Авто Контрол од Прилеп, во соработка со Советот за безбедност, МВР и сообраќајната стpука при СОУ “Ристе Ристески – Ричко” Прилеп, организираше симболична акција во центарот на градот, испраќајќи порака за безбедност во сообраќајот и почит кон жената како важен столб во општеството.

Тие денеска на возачките во централното градско подрачје им поделија цвеќе и симболични подароци, честитајќи им го празникот и потсетувајќи ги на значењето на одговорното учество во сообраќајот.

Од Авто Контрол порачаа дека жената не е само двигател на општествени промени, туку и чувар на животот – и дома и на патот.

„Целта ни со овој заеднички тим да им оддадеме признание на жената возач, односно како што се грижи жената во семејството, така да се грижи и на патот. Се надеваме дека ќе ја подигнеме свеста за безбедно учество во сообраќајот”, посочи Даниела Перканоска, менаџерка и сопственичка на Авто Контрол Станица за технички преглед.

Со оваа 8-мартовска иницијатива, организаторите имаа цел да ја подигнат свеста кај возачите за важноста од технички исправно возило, одговорно однесување во сообраќајот и грижа за сите учесници на патот.

Од таму додаваат дека најголемиот подарок што можеме да си го дадеме едни на други е – безбедно враќање дома.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.