На здравје бричењето: Алијанса ги добива Правда, Здравство, вицепремиер, УЈП, Царина…

Челните места во министерствата за правда и за здравство, вицепремиерско место, заменик-министри во ресорите земјоделство и одбрана и директори на Царинската управа, на Управата за јавни приходи и на Финансиската полиција.

Ова е пленот на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари од преговорите за влегување во владата на СДСМ и на ДУИ, тврди ТВ21. Денеска Ковачевски потврди дека разговорите со Алијанса „во добар дух и во атмосфера насочена кон постигнување договор“ се приведуваат кон крајот.

Таравари, сепак, дава претпазливи изјави:

– Верувам дека денеска или утре договорот ќе биде конечно финализиран и тогаш официјално ќе го објавиме. Мислам дека договорот треба да биде целосно завршен за потоа да го презентираме. Сметам дека би било некоректно да кажеме нешто, а утре да се промени – вели тој.

ТВ21 шпекулира дека партијата Алтернатива на Африм Гаши сѐ уште нема одлучено дали ќе остане или ќе се повлече од мнозинството, поради, како што велат, непочитување на договорот.

Но, добро упатени извори велат дека ако ДУИ го одобри конечниот договор меѓу Таравари и Ковачевски, што е речиси завршена работа, Гаши нема друг избор освен да остане во Владата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.