На дрвото одново му дава живот: Прилепчанец со многу љубов и трпение изработува прекрасни икони (ФОТО)

Мики Кусибојоски од Прилеп изработува прекрасни икони. На дрвото му дава живот преку макотрпна работа која бара многу внимание, трпение и секако огромна љубов. Наидовме на фотографии од неговите изработки, па го прашавме како дојде до идеја за вакво хоби, колку време се изработуваат и како.

Kако дојде до идеја за изработка на вакви дела и колку време се занимаваш со ова хоби?

– До идејата дојдот пред се’ oд причина што од секогаш ме импресионирале рачните изработки, а посебно фигурите и слики изработени од дрво. Идејата за изработка на икони ја добив пред се’ поради нивното посебно духовно значење. Да се изработи икона е работа која со себе носи голема одговорнос, поради тоа што истата треба да изгледа достоинствено и да претставува творештво кое ќе ја изразува христијанската вера во Бога и светителите. Како хоби се занимавам речиси 2 години, но последната година започнав со изработка и за комерцијални цели, но не со идеја за остварување профит, туку со идеја за почитување и изразување на мојата верба во Бог.

Какви материјали се користат за изработка на иконите?

– Иконите во главно ги изработувам на дрво и тоа претежно бел бор и ореово дрво. Квалитетот на дрвото е од клучна важност во изработката, бидејќи тоа ја дава смислата на целокупната изработка. Кога станува збор за материјалите секогаш одбирам материјали со врвен квалитет, бидејќи се водам од идејата дека квалитетот и добриот изглед на иконата се главната цел во изработката.

Колку време е потребно за да се изработи едно вакво дело?

– За секоја икона е потребно различно време за изработка. Тоа зависи од бараната големина, видот на дрвото, вкупноста на деталите на иконата, кои ги нагласувам исклучиво рачно и без помош на никаква машина. Но, може да се каже дека во просек се потребни околу 5 дена со цел постапно да се поминат сите фази. Потребно е време за сушење на течните материјали и бои, па во зависност од видот на иконата потребно е различно време.

Постои ли интерес и како можат да те контактираат оние кои сакаат вакво дело да го краси нивниот или домот на нивните најблиски?

– Интерес постои во секој случај, и за почеток сум позитивно изненаден од бројот на побарувачка, за кој се надевам дека во иднина ќе биде и поголем. Ние сме народ со вистинска верба во Бог, па речиси секој би сакал дома да има вакво уникатно парче на икона. Заинтересираните може да ме контактираат на повеќе начини. Преку телефонскиот борј: 070/377-674, на мојот Фејсбук профил Мики Кусибојоски, како и на Фејсбук страната Продажба на икони. Порачките може да се вршат во секое време, а вршам и достава низ цела Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.