Мислам дека недостасуваат околу осум пратеници, одговори шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на прашањето колку пратеници му недостасуваат на владејачкото мнозинство за гласање за уставните измени.
На денешниот брифинг со новинарите Османи беше прашан како ќе се обезбедат тие осум пратеници за процедурата за уставни измени да може да тече.
„Мислам дека треба да почекаме оваа расправа која формално започна во Собранието, за содржината, да почне да го дава својот ефект. Првиот ефект е дека немаме јавен отпор во однос на содржината на уставните измени“, рече Османи.
Османи големо внимани посвети токму на содржината на уставните измени велејќи дека e добро што досега нема реакции од јавноста токму за содржината.
„Јас не гледам реакција од јавноста, од граѓаните, од експертските групи за содржината на уставните измени. Не гледам таква реакција. Ако имаше проблем со уставните измени досега ќе вриеше со прес-конференции, со ставови на различни експертски групи, невладини организации, тинк-тенкови дека има нешто проблематично во уставните измени. Тоа е најважно. Ајде да се вратиме на содржината… Мислам дека беше некоректно оваа важна тема да се киднапира заради партиски агенди на политичките партии. Ајде да разговараме што е содржината на уставните измени“, повика министерот.
Османи рече дека на опозицијата ѝ се обезбедени сите гаранции дека Бугарија нема да има дополнителни барања освен влез на Бугарите во Уставот. Наброја дека германскиот Бундестаг излегол со такви гаранции во однос на идентитетот, како и Република Бугарија, која според Османи, излегла со став дека нема да има нови барања. „Ние гарантираме дека нема да има нови барања“, рече Османи. Еве што одговори на прашањето како може земјава да дава такви гаранции, кога тоа не зависи од неа.
„Гаранциите се во преговарачката рамка што ја имаат изгласано 27 земји членки. Во неа во ниту едно поглавје, во ниту една одредница за отворање на било кое од 35 поглавја, не е Договорот со Бугарија или Протоколот со Бугарија“, рече тој.
Османи рече и дека ги прифатиле сите барања на опозицијата.
„Бараа ДУИ да излезе од Владата. Чекаме одговор. Ставот на ДУИ е донесен. Одлуката ќе се активира дента, дури може и сега да ја потпишеме со одложено дејство до Собрание или до премиерот, и истото влегува во сила дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгласа уставните измени“, вели Османи.